Казнени налози против четири лица од Радовиш за прекршувања на забраната за движење

Основното јавно обвинителство Радовиш денеска поднесе предлог за изрекување парична казна во висина од по 100 дневни глоби против четири лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

– Обвинетите​ во три одвоени кривично правни настани постапиле спротивно на Одлуката на Владата на Република Северна Македонија за забрана и посебен режим на движење на населението од 21:00 до 5:00 часот и во време на забрана на движењето во вечерните часови помеѓу 23 и 24 март со патнички моторни возила се движеле по улиците на Радовиш каде биле контролирани од страна на полициски службеници на Министерството за внатрешни работи, Полициска станица – Радовиш, стои во соопштението од ОЈО.

Со своите дејствија лицата сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинителството, како што информираат, предложило Судот на обвинетите да им изрече парична казна во висина од по 100 дневни глоби, секоја во висина од по 5 евра во денарска противвредност.​