Казнети земјоделци за палење стрништа и слама во Кочанско

Државниот земјоделски инспекторат открил и казнил 15 лица за палење стрништа и слама на полињата во кочанскиот регион кои со тоа директно придонеле за загрозување на општата безбедност и за загадување на животната средина.

Инспекторите секојдневно се на терен и од увидот е констатирано дека се опожарени поголеми површини земјоделско земјиште, а лицата кои ги палеле остатоците од жетвата на оризот биле затекнати во нивите.

– Против откриените сторители се поднесени прекршочни пријави и издадени им се налози за плаќање парична глоба. Висината на казната е различна, во зависност дали се работи за физички или правни лица и достигнува до 500 евра во денарска противвредност. Истовремено, на средбите со земјоделците се обидуваме да ја подигнеме јавната свест и да укажеме дека со палењето на сламата и стрништата тие влијаат врз загадувањето на воздухот, а загрозени се и објекти во непосредна близина или пак земјиште засеано со други земјоделски култури, истакна Савка Веселинова, државен земјоделски инспектор.

Од земјоделскиот инспекторат додаваат дека голем придонес во откривањето и санкционирањето на лицата кои нелегално палат оган на отворен простор дава и соработката со полицијата и со територијалната противпожарна единица од Кочани, чии екипи исто така излегуваат на терен.

Палењето на стрништата и сламата во последните неколку недели е зачестено, особено во доцните попладневни и вечерните часови, поради што од инспекторатот најавија засилени контроли во тој период и ригорозни санкции за сите прекршители.