Казни до 10 години затвор за изборни нерегуларности

Казните за кршење на гласачките права се затворски, од 6 месеци до 10 години, и се содржани во Кривичниот законик, во глава 16 под назив „Кривични дела против изборите и гласањето“.

КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ИЗБОРИТЕ И ГЛАСАЊЕТО:

Спречување на избори и гласање
Член 158:
(1) Тој што со употреба на сила, сериозна закана или на друг начин оневозможува или спречува одржување избори или гласање или го оневозможува или спречува утврдувањето или објавувањето на резултатите од гласањето, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(2) Тој што ќе го стори делото од став 1 со употреба на оружје, експлозивни или други опасни направи, со примена на насилство спрема две или повеќе лица или во организирана група, или на подрачјето на две или повеќе избирачки места, ќе се казни со затвор од една до десет години.

Повреда на избирачкото право
Член 159:
(1) Член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, со намера да му оневозможи на друг вршење на избирачко право, противзаконито не ќе го запише во избирачки список или во листа на кандидати или ќе го избрише од избирачки список или од листа на кандидати или на друг начин ќе го лиши избирачот од правото да избира, да биде избран или да гласа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и член на избирачки одбор, изборна комисија или одбор за спроведување референдум или друго службено лице кое во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, на противзаконит начин ќе му овозможи на друг да користи избирачко право, иако знае дека тоа лице нема такво право.
(3) Обидот е казнив.

Повреда на слободата на определување на избирачите
Член 160:
(1) Тој што со употреба на сила, сериозна закана, измама или на друг начин ќе присили или ќе спречи друг да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(2) Ако делото од став 1 го стори член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување на референдуми или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со затвор од три месеци до три години
(3) Обидот е казнив.

Злоупотреба на избирачкото право
Член 161:
(1) Тој што на избори или гласање ќе гласа наместо друг или ќе гласа повеќе од еднаш, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе земе учество на изборите или гласањето, иако знае дека нема избирачко право.
(3) Обидот е казнив.

Поткуп при избори и гласање
Член 162:
(1) Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга лична корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист или ќе прими подарок или друга корист, за да го врши, да не го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла.
(3) Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Повреда на тајноста на гласањето
Член 163:
(1) Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
(2) Ако делото од став 1 го стори член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор за спроведување референдум или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(3) Со казната од став 2 ќе се казни и тој што со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службена, работна или економска зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали гласал или како гласал.

Покрај овие казни, кои може да бидат и до 10 години затвор, до 3 години затвор е предвидено во Кривичниот законик и за случи на уништување на изборни исправи, т.е. уништување на гласачки ливчиља, списоци на гласање и други документи кои би станале неупотребливи.

Висока е казната и за Изборна измама (член 165 од КЗ), а кој се однесува на тие што ќе ги фалсификуваат или погрешно избројат гласовите од изборите или од референдумот: „Член на избирачки одбор, изборна комисија, одбор на спроведување референдум или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето што при изборите или гласањето, ќе го измени бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повеќе гласачки ливчиња или ќе го измени бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите или гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години“.