Казни до 120 евра за возење тротинети

Задолжителна кацига, флуоресцентно елече, обоележано возило, возење по велосипедска и пешачка патека, никако на коловоз, инаку казни и до 120 евра предвидува новиот закон за регулирање на употребата на електрични тротинети кој го помина владиниот филтер.

Според предлог-измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, МВР предлага електричен тротинет да смеат да возат само лица постари од 14 години. Ако дете под оваа возрасна граница биде фатено со тротинет, се предвидува казна за родителот од 50 евра.

За тротинетите ќе важат слични правила како и за велосипедистите, а тие ќе смеат да се возат само по велосипедска лента, а ако нема тогаш по тротоар или пешачка патека. Мора да се движат по десната страна, а во случај да има повеќе лица со тротинети, тогаш тие треба да возат еден зад друг. За непочитување на воие правила предвидена е казна од 80 евра.

Со предлог измените, ќе се ограничи и брзината на движење на тротинетите. По велосипедската патека максималната дозволена брзина ќе биде 25 километри на час, додека по тротоар и другите патеки предвидени за пешаци тротинетот ќе мора да се вози со брзина од најмногу шест километри на час. Ако се прекришат овие правила следува казна од од 120 евра.

МВР со законските измени предвидува и задолжителна опрема. Тротинетите ќе мора да имаат бело светло на предната, и црвено на задната страна. Возачот на тротинетот пак, од самрак до разденување, како и во услови на магла ќе мора да носи рефлектирачки елек. Казната за непочитување на овие правила е 50 евра.
Во предлогот, иако не е предвидена глоба, се наведува и дека возачите на тротинети треба да носат и заштитен шлем на главата.

Ваквите законски измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата поминаа на владина седница. Сега на Собранието е да се изгласа законот.