Казни за Стеауа, Дебрецин и Марибор поради расизам

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги казни Стеауа, Дебрецин и Марибор поради расистичките испади на навивачите на тие клубови минатиот месец.

Овие три екипи следните европски натпревари на домашен терен ќе мора да затворат одреден дел од трибините на стадионите.

Како што е наведено во одлуката на Дисциплинската комисија на УЕФА, казната против Стеауа стапува на сила утре кога клубот од Букурешт во реванш натпреварот од третото коло во квалификациите за Лигата на шампионите против Актобе од Казакстан ќе мора да затвори две трибини на „Националната арена“.

Стеауа е казнета поради испадот на навивачите на натпреварот против Стромгодсет одигран на 23 јули. Унгарски Дебрецин на наредниот натпревар ќе мора да го затвори секторот Б поради транспарентот кој го покажаа навивачите во текот на натпреварот против Клифтонвил од Северна Ирска.

Словенечки Марибор наредниот натпревар ќе го одигра без присуство на гледачи на секторот „југ“ поради расистичките слогани на навивачите на тој клуб упатени до фудбалерите на Зрински од Босна и Херцеговина.

Дебрецин и Марибор играат реванш натпревари од квалификациите за Лигата на шампионите, но се гости.