Ќе одат ли невакцинирани деца во училиште? – Филипче не отстапува од своето, родителите ќе бараат помош од Хелсиншки комитет

И додека Mинистерсвото за здравство и Mинистерството за образование и наука донесат конечна одлука за тоа дали невакцинираните деца ќе се примаат на училиште родителите на социјалните мрежи бараат совет каде да се побара помош доколку детето не биде примено на училиште.

Тие најавуваат дека ќе се обратат во канцеларијата на Народниот правобранител или пак до Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Министерот за здравство пак, Венко Филипче повтори дека нема да биде повлечена одлуката во училиштата да се запишуваат само вакцинирани деца. Тој рече дека конечната одлука ќе се знае во понеделник, по средбата со министерот за образование, Арбер Адеми и со министерката за правда Рената Дескоска. Филипче рече дека само така ќе се стави крај на епидемија на морбили.

Рано е да се каже дали има незапишани деца во прво одделение поради тоа што не биле вакцинирани, вели министерот за образование Арбр Адеми, кој образложи дека уште оваа недела тече уписот, по што ќе се знае дали некое дете не било запишано поради тоа што немало уреден вакцинален картон. Адеми, меѓутоа, потврди дека до Министерството има реакции од родители.