Ќе плати ли Заев политичка цена за промената на името?

Зоран Заев е премиерот кој ја презеде обврска да биде на чело на владата која што ќе го истурка докрај процесот да се постигне договор со Грција за името и ја реализираше. Резултатот е промена на Уставот со којашто Република Македонија се преименува во Република Северна Македонија?

Голем дел од граѓаните се незадоволни. Опозицијата го бојкотираше гласањето на уставните измени кои произлегоа од Договорот од Преспа, а веднаш потоа побара и предвремени парламентарни избори.

Заев на првата прес конференција по гласањето на промената на Уставот вели дали и колкава ќе биде политичката цена за она што го направи ќе го кажат граѓаните на избори.

„Тие може да не се согласуваат со Зоран Заев да отвори еден ваков процес на помирување на пример, и тие своето ќе го кажат на првиот мегдан на избори. Денеска во Македонија го кажуваат на сите можни начини, преку вас медиумите, Фејсбук, Твитер, преку сите можни аспекти, но ќе се согласите, огромно мнозинство дава поддршка на ова што се случува во државата“, рече Заев.

Политичкиот аналитичар, Александар Пандов нема дилема дека промената на името ќе има значително влијание врз личниот рејтинг на Заев и дека цената за стореното ќе може да го чини и премиерската функција.

„На Заев по анкетите објавени јавно последниов период, оној рејтинг кој што го имаше во првите месеци по формирањето на Влада сега од месец во месец откако го објави договорот за името и по референдумот дупло му паѓа рејтингот и сега неговиот личен рејтинг е околу 10 отсто. Уверен сум дека сега по изгласувањето на уставните измени е отиден уште надолу“, вели Пандов.

Според Пандов, после се’ сторено од владата на Заев неопходно е да им се даде можност на граѓаните да дадат своја оценка односно да се распишат предвремени парламентарни избори.

„Мора да има со претседателските и вонредни парламентарни избори. Причините, прво довербата односно недовербата во Зоран Заев и во оваа власт која што раководи со Македонија. Народот е незадоволен, стандардот на живот е полош, сигурноста и безбедноста се загрозени и најважно што Зоран Заев и неговата пратеничка група поддржани од независните пратеници го направија најголемото предавство со промена на името, претходно со договорот со Бугарија и прифаќањето на Тиранската платформа со што се промени македонскиот идентитет. Не знам што други работи треба да се направат за да има избори. Мислам дека последна една ваква политичка катастрофа треба да бидат организирани предвремени парламентарни избори“, смета Пандов.

На аргументите од дел од експертите и јавноста дека уште еден предвремени избори би значело загубено време кое подобро би се искористиле за спроведување на реформи и економски напредок Пандов вели дека и онака тоа време ќе се загуби со спроведување на претседателските избори.

„Времето и она ќе го изгуби со претседателските избори бидејќи во Македонија сите избори се чувствуваат како  прашање на живот  или смрт и сите процеси се во застој додека тече кампања“, цени Пандов.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски побара парламентот да биде распушен и да се оди на избори.

„И тогаш да видиме дали Зоран Заев и групата околу него ја ужива довербата како што денеска кажа на прес-конференција или онаа вистинската анкета ќе му ја испорачаат граѓаните на тие предвремени парламентарни избори. Не бараме избори затоа што сакаме безусловно ВМРО-ДПМНЕ да биде власт, туку бараме избори за Македонија да престане да губи и Зоран Заев и групата околу него конечно да ја напуштат политичката сцена во Република Македонија“, истакна Мицкоски пред два дена.

Дали граѓаните напролет ќе гласаат и за шеф на државата и за нов парламентарен состав се очекува да се знае најрано следната недела.