Ова се пораките од денешното одбележување на 15 Март – Светскиот ден на потрошувачите, во организација на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), во рамки на глобалната кампања на Светската организација на потрошувачи за градење дигитален свет на кој потрошувачите можат да му веруваат.
Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија Маријана Лончар Велкова рече дека потрошувачите мора да си го најдат своето место во општеството и да го добијат тоа што им следува, а тоа се подобри услуги и производи и поголема почит.
Еден интегриран пристап како агенција или тело што би работело сериозно на оваа проблематика би бил многу добар, бидејќи самата проблематика се однесува на граѓаните како најголема економска група, која или влијае или има влијание од одредени мислења и одлуки, а чиј глас навистина не се слуша доволно, рече Лончар.
Претседателот на Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје Марјан Додевски рече, дека оваа проблематика од година во година добива се повеќе на значење во Македонија и има еден комплетен пристап на третирање со вклучување на претставници од извршната власт, институциите, невладиниот сектор и академската фела.
Годинава планираме да започнеме со јавно објавување на имињата на компаниите на кои има најмногу жалби во делот на потрошувачките права. Со објавување пред јавноста кои компании се однесуваат најнеодговорно кон потрошувачите и се надевам дека тоа ќе влијае за поодговорно, порационално и покоректно однесување кон потрошувачите, изјави Додевски.
Посочи дека сите ние сме потрошувачи и најважно е да се заштитат правата и секој потрошувач да знае како да реагира ако му е нарушено потрошувачкото право.
Државниот секретар во Министерството за економија Анета Димовска, рече дека во 2015 година се извршени измени на Законот за заштита на потрошувачите со кои трговецот се обврзува да ги обезбеди сите потребни информации на потрошувачот пред да ја направи нарачката и да му се даде право во рок од 14 дена да се повлече од нарачката.
Државниот пазарен инспекторат, надлежен за спроведување на Законот за заштита на потрошувачите во 2016 година спровел близу 3.000 надзори по основ на овој закон, од кои близу 1.000 се по претставки од потрошувачи. Најчесто се жалеле на означувања за распродажба, непридржување на обврски од гаранција на производи, рекламирање на производи и неквалитетна сервисна услуга, изјави Димовска.
Најави дека ќе се работи на нов закон за заштита на потрошувачи, како и стратеши документи кои ќе произлегуваат од законот, а ќе се однесуваат на периодот 2018-2022 година.
На светско ниво најголема грижа на потрошувачите кога станува збор за електронско тргување е нарушување на приватноста и безбедноста при електронското тргување. За градење на довербата е неопходно постоење соодветна регулатива и функционални институции што ќе ги штитат овие права, рече Димовска.