Ќе се повлече предлогот за судска забрана за „Ругање со Христос“

Државниот правобранител на Република Македонија утре ќе го повлече предлогот до Основниот суд Скопје 2 за изрекување на мерката времена забрана за прикажување на филмот „Ругање со Христос”, пренесува МИА.
Како што соопштија од Државното правобранителство за МИА, решението е донесено по направени дополнителни и целосни согледувања и правни анализи.

Од страна на Државниот правобранител, после информацијата дека филмот веќе се емитува, констатирано е дека по однос на барањето нема веќе правна основа. Согласно ингеренциите, постапувањето на Државниот правобранител ќе биде насочено единствено кон заштита на имотните права на Република Македонија поврзани со исплатите на надоместокот за филмот од Буџетот на Република Македонија, наведуваат од Државното правобранителство.

Како што вчера објави „Алсат“, Министерството за култура преку правобранителот побарало судска забрана за емитување на филмот. Како причина за барањето се наведува дека содржината на филмот е навредлива, пред се на етничка основа, ќе поттикне верска омраза, поделби во општеството и може да наштети на соживотот во земјата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.