Ќе се укинува додатокот за трето дете

Измените во Законот за заштита на децата предвидуваат укинување на додатокот за трето дете воведено во 2009 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Предлог законот веќе е објавен на страната на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Следува негово разгледување на владина седница, по што треба да се даде на усвојување во Собранието.

Додатокот се укинува бидејќи мерката не дала позитивни ефекти врз зголемувањето на наталитетот, како што се очекуваше кога истата беше донесена од претходната влада.

Наместо додатокот, со законските измени се предвидува еднократна помош за секое родено дете. За прво дете висината на еднократната парична помош предвидено е да изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето новороденче 60.000 денари“, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Според досегашниот закон, мајката добиваше 8.048 денари додаток за трето дете 10 години, а за родено четврто дете, ако добива додаток за трето дете, помошта е 11.267 денари во рок од 15 години.

Оние родители кои веќе стекнале право за ваков надоместок ќе продолжат да го остваруваат до завршување на период од 10 години за трето, односно до 15 години за четврто дете.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.