Ќе се забрза и олесни протокот на граничните премини

Царинската управа континуирано презема мерки за олеснување и забрзување на граничните формалности и зголемување на пропусната моќ за стока на граничните премини.  Во таа насока, избрана е консултантска фирма која до крајот на годината ќе ја подготви градежно техничката документација за надградба на објектите на граничните премини Табановце и Ќафасан.

Како што информираат од Царинската управа, конкретно станува збор за проширување на постојниот терминал за увоз и извоз на стока на граничниот премин Табановце за дополнителни 4.000 м2 и изградба на нови придружни објекти, како и изградба нов увозно извозен царински терминал од 9.500 м2 на граничниот премин Ќафасан со пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи како и реконструкција на постојните објекти.

За таа цел, обезбедени се средства од ИПА фондовите во износ од 1,9 милиони евра за  граничниот премин Табановце и 1,5 милиони евра за граничниот премин  Ќафасан.

Со овие проекти, кои воедно се дел и од програмата на Владата на Република Македонија за 2014-2018 година,  ќе се забрза и олесни стоковата размена, особено на фреквентните гранични премини, а воедно ќе се олесни и забрза транспортот долж пан-европските коридори 8 и 10.

Исто така, Царинска управа интензивно работи на утврдување на можноста за воведување на концептот на заеднички контроли со соседните земји на повеќе гранични премини. Со воведување на заеднички контроли значително ќе се намали времето и трошоците за спроведување на граничните формалности со што ќе се забрза и поедностави протокот на патници, стока и превозни средства. Имајќи ја предвид околноста дека веќе неколку години на граничниот премин Прешево српската Царина нема терминал и работи на отворено, Царинската управа иницираше пред Владата на Република Македонија склучување на спогодба со Република Србија за воведување на заеднички царински контроли на граничниот премин Табановце – Прешево што ќе придонесе во процесот на постојани реформи на царинското работење и значително ќе влијае на осовременување на работењето, притоа обезбедувајќи нови поволности за економските оператори кои се корисници на услугите на Царинската управа.

Царинската управа на Република Македонија во пресрет на летната сезона ги потсетува превозниците дека со цел да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на жива стока, стока во свежа состојба, ADR (опасни материи) и празни камиони на најфрекфентните гранични премини Tабановце и Богородица, Царинска управа и Бирото за јавна безбедност при МВР потпишаа Протокол со кој се уредува постапката за побрз проток на наведените стоки и празните возила.

Согласно Протоколот, при излез од Република Македонија, се определи слободен коридор за приоритетно движење на жива стока, стока во свежа состојба, ADR (опасни материи) и празни камиони на граничните премини Табановце и Богородица. На барање на деловната заедница слободниот коридор е терминиран во периодот од 21:00 до 01:00 часот секој ден.

При влез во Република Македонија обезбедените услови за приоритетно движење од граничната линија до царинскиот терминал и приоритетно спроведување на царинската постапка на возилата со жива стока, стока во свежа состојба, ADR (опасни материи), како и на празните возила досега дадоа одлични резултати.

Царинската управа продолжува со модернизирање на своето работење се со цел да обезбди побрзо, полесно и поекономично спроведување на царинските формалности.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.