Ќе се зголеми ли цената на импулсот по новите промени на телекомуникацискиот пазар?

Извесно е дека најдоцна до јули годинава ќе се знае дали на домашниот пазар на телекомуникации ќе има два наместо четири мобилни оператори, а откако пред неколку дена згасна со работа четвртиот мобилен оператор „Албафон“, како и по најавите за спојување на операторите „Оне“ и „Вип“, постапка која е во тек, а за која се очекува мислење од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Со оглед на тоа што вчера беше најавено дека од 1 јули „Македонски телеком“ и „Те-Мобајл“ стануваат една компанија, станува јасно дека на домашниот телекомуникациски пазар има огромни преструктурирања. Ваквите трендови ги наметнуваат прашањата што може да очекуваат граѓаните и дали ќе има поскапување на телекомуникациските услуги, пред сѐ во мобилната телефонија?, пишува весникот „Нова Македонија“.

СЕ ОПТИМИЗИРА РАБОТЕЊЕТО

„Те-Мобајл“ од 1 јули нема да постои како правно лице, а сите вработени, како и целокупниот имот и обврски ќе бидат преземени од „Македонски телеком“.

На чело на компанијата ќе биде Андреас Маиерхофер, актуелен главен извршен директор на „Македонски телеком“, а Жарко Луковски ќе ја преземе позицијата главен оперативен директор. Во компанијата вчера соопштија дека присоединувањето има цел да го оптимизира работењето на компанијата преку подобрување на финансиските резултати заради синергиските ефекти и создавање најдобро корисничко искуство со помош на супериорни продукти и услуги.

– По подолг процес на планирање и интерни подготовки стануваме една компанија што ќе им нуди на корисниците целосна комуникација на едно место. Ќе станеме поефективни и поедноставни во процесите на работењето и во одлучувањето и ќе ги оптимизираме оперативните трошоци, што ќе нѐ позиционира уште подобро на пазарот. Сето ова ќе ни овозможи целосно да им се посветиме на корисниците, од една страна преку нудење иновативни конвергирани услуги преку најновите технологии, а од друга страна преку подобрување на корисничкото искуство. Во исто време, бевме и ќе останеме најголем инвеститор и гарант на силниот развој на телекомуникациската индустрија – изјави Маиерхофер.

Луковски, пак, вели дека компанијата ќе понуди конкурентни интегрирани фиксни и мобилни услуги, што се очекува да доведе до уште подобро позиционирање на пазарот.

Во однос на прашањето дали ваквите промени на пазарот можат да доведат до зголемување на цените на услугите, Роберт Орданоски, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, која е регулатор на овој пазар, неодамна изјави дека АЕК е подготвена за сите можни сценарија доколку дојде до спојување на двата оператора, како и дека тоа нема да влијае врз сегашната цена за минута разговор.

Целиот текст прочитајте го на овој линк.