Ќе следи ли анархија со цените на бензините?!

Од почетокот на месецов започна формирањето на цената на горивата на домашниот пазар според новата методологија и во првиот бран на корекција на ценита ако имавме „коректен пристап“ на компаниите кон пазарот и не ги зголемија цените, иако пазарот во овој период е либерален до донесувањето на методологијата, во вториот бран имаме енормно зголемување на цените.

Најголемата нафтена компанија во земјата „Макпетрол“ АД Скопје синоќа соопшти дека новите малопродажните цени на одделни нафтени деривати кои ќе важат на бензинските станици на „Макпетрол“ АД Скопје, а се: Ultra 95+ Economy ќе се продава по цена од 72,00 денари за литар; Ultra 100 Race Pro ќе се продава по цена од 74,00 денари за литар; Ultra Diesel Green Power ќе се продава по цена од 66,00 денари за литар; Ultra Diesel Bio Power се ќе се продава по цена од 67,00 денари за литар; Екстра лесното ќе се продава по цена од 54,50 денари за литар.

Како што недомана изјави за медиумите првиот човек на „Макпетрол“, Андреа Јосифовски, не е проблем трговците да се снајдат во овој вакуум простор на пазарот без нова методологија. Тие ќе можат да си одредат цени кои ќе важат додека не се донесе новата пресметка од регулаторната комисија. Смета дека според движењето на цените на нафтата на светските ебрзи од понеделник може да има намалување на цените на бензините за половина денар и зголемување кај дизелот за исто толку

Поскапувањето, како што се појаснува од компанијата, е поради зголемувањето на цената на нафтените деривати на светските берзи. Имено, цената на дериватите на македонскиот пазар сега се пресметува врз основа на цената на нафтата на светските берзи, а не како досега врз основа на прозводната цена која ја даваше ОКТА. Притоа во цената е вкалкулиран курсот на американскиот долар, како платежна валута за нафтените трансакции, и трошоците на трговците вклучително со пресметана маржа.

Трендот што го диктира во цените најголемата компанија во земјата се рабира ќе го следат и помалите трговци со нафта и деривати. Секако, во рамките на нивните процени и можност, имајќи предвид дека располагаат и со далеку помалку средства за набавки на енергенси и со помали капацитети за складирање. Тоа, пак, до најавената нова методологија на регулаторот, ќе се одрази со седмично менување на цените според сопствените процени на трговците и можеби и со голема разноликост во цените.

Досега највисоката цена на малопродажните цени на бензините изнесуваше околу 90 денари за литар, а на дизелот 75,50 денари, во периодот од март до април 2012 година, кога суровата нафта од типот „Brent“ на лондонската бера ICE чинеше од 125 долари за барел.

Трошокот за транспорт од местото каде што се купува до складовите каде што ја складираат, исто така, веќе се зема предвид, а се има предвид и маржата којашто треба да ја имаат и трговците и на големо и оние кои продаваат во малопродажба, а исто така, вкалкулиран е и транспортот од складовите на трговците до бензиските пуми.

Поскапувањето на горивата, со претходно воведувањето на акцизата, бездруго влијае врз транспортот, како и врз цените на другите производи. Бизнисмените и аналитичарите на пазарите, сметаат дека растот на цените на горивата може да се амортизира преку интервенција од државни резерви, што во Македонија не е практика. Порастот на цените на горивата се одразува негативно врз квалитетот на животот на населението, зашто горивото се јавува како основен чинител на вкупната цена на секој производ или услуга  на пазарот, а тоа само посебе ја создава можноста за создавање на ткн спирала на поскапувања. Ваквите поскапувања, исто така, може да се ефектуираат и со инфлација, а тоа во услови на низок економски раст на економијата и низок стандард, ги осиромашува граѓаните и го става населението во  потешка и понезавидна положба.

Сепак, се чини, дека во моментов нема место за оправдувањето на зголемувањето на цените со движењата на меѓународните нафтени пазари. Бидејќи моменталните цени кои важат на референтните берзи во Лондон, САД и на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) се однесуваат на повеќемесечните испораки во следниот период, ткн фјучрс. Разбирливо е што трговците со сегашното оправдување би сакале да направат акумулација на средатсва за набавките на дериватите во иднина, но имајќи ја предвид ситуацијата на глобалниот пазар, може да се претпостави дека во еден подолг период ќе има одржување на цените на високо нови. Тоа ќе се одрази, вклучително и на македонскиот пазар со зголемување на цените во производството и на транспортот, што редовно се акумулирани во цените на продуктите за крајните потрошувачи.

A во моментов постојат три силни фактора кои влијаат на зголемувањето на цените на суровата нафта на светскиот пазар, кои се одразуваа врз цените на дериватите на внатрешните пазари. Едната е договорот на нафтениот картел и групата големи произведувачи предводени од Русија, познати како OPEC+, кои го намалија снабдувањето во 2019 година за да го сопрат остриот пад на цените кој започна во вторта половина од 2018 година поради растот на американското производство и стравувањата од забавувањето на глобалната економија. Саудиска Арабија сигнализираше дека OPEC и неговите сојузници би можеле да продолжат со ограничувањето на производството на нафта до крајот на 2019 година. Втора причина за растот на глобалниот пазар е извозот од Венецуела кој е намален што дополнително ја намалува понудата на овој енергенс на глобалниот пазар и придонесува кон порастот на цената на суровата нафта. Третиот фактор, е повторното воведување на американските санкции за извозот на нафтата од Иран, чијашто цел е да се сведе „на нула“ извозот на третиот најголем производител на нафта во рамките на OPEC.

Поради ваквите геополитички движења кои влијаат врз колебањата на цените на енергенсите и додведува до зголемување и на рафинериските и на малопродажните цени на дериватите и на домашниот пазар, во вакви услови властите во земјава преку својот инструментариум на фискалната и на монетарна политика би требало да се свртат кон одредени фискални/ даночни олеснување. Во прв ред тоа, според експертите, би требало да се состои во намалувањето на акцизата и на ДДВ за нафтените деривати, кои би го намалиле товарот на поскапувањето на цената на горивото.