Келн веројатно ја запечати судбината на Падерборн

Во првиот натпревар од 25-то коло од германското фудбалско првенство Келн како гостин го совлада Падерборн со 2:1, оставајќи го на дното од табелата речиси и без шанси за опстанок.

Гостите до водството од 2:0 дојдоа во првото полувреме со головите на Хорхе Мере во 28 и Јонас Хектор во 36 минута, а во продолжението надежите на домашните ги врати Денис Србини во 73 минута.

Со новите три бода Келн стаа на 10-то место на табелата со 32 бода, додека Падерборн останува последен со 16 бодови, еден помалку со два меча повеќе од претпоследниот 17-от Вердер, а пет помалку со натпревар повеќе од 16-та Фортуна којашто го држи местото кое води во доигрувањето за опстанок во Бундеслигата.

На табелата води Баерн од Минхен со 52 бода, три помалку има второпласираниот РБ Лајпциг. Двете Борусии, од Дортмунд и од Менхенгладбах се на третото односно четврото место со 48 односно 46 бодови.

Во сабота се играат натпреварите Баер Леверкузен – Ајнтрајхт Франкфурт, Херта – Вердер, Фрајбург – Унион Берлин, Шалке – Хофенхајм, Волфсбург – РБ Лајпциг а вечерта се игра дербито во Менхенгладбах во кој тамошната Борусија го пречекува истоимениот клуб од Дортмунд.

Неделната програма се состои од дуелите Баерн – Аугсбург и Мајнц – Фортуна.