Кепевски: Доколку се вршеа прскањата Скопје немаше да се претвори во зона на масовно цицање крв

Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов од владејачката СДСМ ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните на Град Скопје. Да биле навремени и воопшто вршени прскања против комарци градот Скопје немаше да се претвори во зона на масовно цицање крв, истакна Томи Кепевски на првата од трите последователсни прес-на ВМРО-ДПМНЕ.

„Одговорноста целосно паѓа на грбот на Шилегов. Ако било прскано против комарци со безчујни авиони, како што велат од Градот, тогаш зошто во Скопје има комарци како никогаш до сега, зошто граѓаните се жалат, зошто аптеките и амбулантите се полни со луѓе кои се жалат на убоди, отоци, алергии. Шилегов ни мува, а ни комарец не го лази за проблемите на граѓаните. Сега и со стелт технологија да прска ефектот ќе биде недоволен. Штетата, за жал, веќе е направена поради негова неспособност и неодговорност“, рече Кепевски

Оцени дека, и покрај шегите кои скопјани на своја сметка на оваа тема ги шират на социјалните мрежи, е сепак многу сериозна.

„Ова е премногу сериозно. Комарците освен што предизвикуваат непријатности за граѓаните, а пред се децата, се преносители и на сериозни заразни болести. Во соседството веќе се регистрирани случаи заболени од западно нилска треска, но и неколку фатални последици по животите на нивните граѓани. Оваа опасна болест, но и маларијата, зика вирус, жолтата треска, и други тешки болести се пренесуваат со убоди на заразени комарци. Кога веќе Шилегов и надлежните институции не можат да не штитат, останува да се молиме на Бога да помине летово без последици и да бидеме среќни ако поминуваме само со отоци“, додаде претставникот на опозициската партија.

Градоначалникот Шилегов, подвлекува тој, ако не знае како да се справува и да ги решава проблемите на граѓаните нека остави тоа да го прави некој друг, а тој нека продолжи со тоа кое најдобро го знае само да зборува, а ништо да не работи.