Ќерка на познат турски бизнисмен и пријателките загинаа во пад на приватен авион во Иран

Приватен турски авион од типот „Bombardier CL604“ со единаесет патници и членови на екипажот на летото од емиратот Шарже кон Истанбул, се урнал во неделата во Иран, објави портпаролот на контролата на летањето, пренесе новинската агенција ISNA.

Турската Црвена полумесечина објави дека авионот ѝ припаѓал на турската компанија „Basaran Holding“ и дека сите членови на екипажот и патниците загинале, а меѓу нив и најмалку еден член од семејството на познатиот турски претприемач Хусејин Басаран, кој има бизниси во енергетскиот, градежниот и туристичкиот сектор, пренесе телевизијата NTV.

Локалните медиуми претходно објавија дека со авионот во Турција се враќала ќерката на Басаран заедно со седум пријателки од претсвадбена прослава во Дубаи. Таа требало да се мажи следниот месец.

Авионот исчезнал од радарите и се урнал во југозападниот дел на Иран. Портпаролот на спасувачките служби изјави дека леталото удрило во рид во планинска област близу градот Шахрекор и се запалило.

Шаржа е еден од седумте емирати во состав на Обединетите Арапски Емирати.