Ќерките на Џафери, Бејта и Димитров најдобри за вработување и стипендии

СДСМ заедно со коалициските партнери пред да дојдат на власт ветуваа департизација и објективни критериуми за вработување, но сега не поминува конкурс во којшто не се вработува ќерка, син, брачен партнер, па дури и фризер некој од актуелните функционери. Или кратко кажано непотизам без срам, пишува порталот Курир.мк

Последен во низата примери е ќерката на поранешниот градоначалник на Гостивар и функционер на ДУИ, Невзат Бејта. Таа добила работа во МЕПСО каде ќе зема плата околу 600 евра. Од МЕПСО за Макфакс изјавиле дека таа ќе работи како референт за набавки во одделот за комерцијални работи и ќе зема нето плата од 36.540 денари. Била избрана на огласот како најдобар кандидат.

Во МЕПСО меѓудругото е вработена и фризерката на пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски.

Годинава во ЕЛЕМ државна плата доби и ќерката на првиот човек на Собранието, Талат Џафери.  Но, во јавноста имаше низа на негативни коментари пролетта кога беа вработувањата во ЕЛЕМ. Таму е вработен и синот на Мирослав Грчев. Од петти април оваа година, Бесија Џафери, ќерка на Џафери во ЕЛЕМ е вработена како референт за правни работи, потсетува Курир.мк

Од истиот датум, пак, како инженер за животна средина е вработен и Димитар Грчев, син на архитектот Грчев, кој е голем промотор и поддржувач на политиките на СДСМ, како сега така и во минатото.

Во ЕЛЕМ е вработен и сопругот на Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи и висок функционер во владејачката партија СДСМ.

Во ова друштво е и ќерката на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Јана Димитрова од министерството за образование и наука добила стипендија за студии во Холандија во висина од 40 000 долари.


Јон Фрчкоски, син на професорот Љубомир Фрчкоски, кој е близок до СДСМ стана заменик директор во Јавното претпријатие за станбен и деловен простор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.