Кичевски угостителски објекти под контрола на УЈП

Инспекторите на Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во содејство со полицијата вчера извршиле контрола во седум угостителски објекти на подрачјето на Кичево, соопшти МВР.

– Во кафе бар „Ериони” од страна на ДПИ изречена е глоба по основ на Законот за заштита од пушење во висина од 2.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 300 евра за одговорното лице во правното лице, како и една глоба од 150 евра за едно физичко лице затекнато со цигара во локалот. Потоа во кафе бар „Бела Кула-Ком” од страна на ДПИ поради немање нормативи за храна и пијалоци изречена глоба од 1.200 евра на правно лице и глоба од 300 евра на одговорно во правно лице, а пак од страна на УЈП поради немање фискален апарат изречена е глоба од 3.250 евра во денарска противвредност (2.500 евра за правното лице и 750 евра за одговорното лице во правното лице), како и времена мерка – забрана за вршење дејност од 30 дена. Во кафетерија „Фиредевс-Трејд” исто така поради немање норматив за храна и пијалоци изречена е од страна на ДПИ глоба од 1.200 евра на правно лице и глоба од 300 евра на одговорно во правно лице а пак од страна на УЈП поради неводење книга за дневен финансиски извештај изречени се глоби од 2.000 евра за правното лице и 800 евра за одговорно во правно лице, се наведува во соопштението.

На подрачјето на СВР Охрид во изминативе три дена во Охрид, Струга, Кичево и Дебар извршени биле контроли во 36 угостителски објекти при што во 11 од нив било констатирани неправилности од страна на УЈП и ДПИ. Биле изречени глоби во висина над 35.000 евра, а изречени се и шест времени забрани за вршење дејност, три од по 15 дена и три во траење од по 30 дена. На пет физички лица затекнати со цигари во локалите од страна на полицијата биле изречени глоби од по 150 евра.