Киев свика итен состанок на шефовите на безбедносните служби, се очекуваат важни одлуки

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во петок ќе одржи итен состанок со највисоките функционери на безбедносните служби на кој ќе бидат донесени „важни одлуки“, како реакција на присоединувањето на четирите југоисточни региони на Украина на Русија, соопштија од Киев.

Кремљ претходно објави дека претседателот Владимир Путин во петок ќе ги потпише документите со коишто ќе го прифати и признае присоединувањето на Руската Федерација на четирите региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, каде изминатата седмица тамошното мнозинско руско и рускојазично население се изјаснуваше на референдуми по тоа прашање, а кои Украина и Западот ги нарекуваат „измама инсценирана на украинската територија под руска окупација“.

Од кабинетот на украинскиот претседател соопштено е дека во петокот состанок ќе има Националниот совет за безбедност и одбрана. Секретарот на Советот, Олексиј Данилов изјави на украинската телевизија 1+1 дека на состанокот ќе бидат донесени, како што тој верува, „важни одлуки за земјата“, но не изнесе поединости.

Зеленски повеќепати повтори дека „таканаречените референдуми се незаконски“ и предупреди дека „украинскиот одговор ќе биде силен“.

Во украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, меѓу другите, се и командантот на вооружените сили, министрите за одбрана и за надворешни работи, премиерот и шефот на разузнавачката агенција. Задачата им е да соработуваат со претседателот во развојот и координацијата на националната безбедносна политика.