Киев тврди дека ги понудил „сите опции“ за Мариупол, но оти Москва не одговара

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во четвртокот попладнето се огласи  откако Русија објави дека целосно го контролира стртешки важниот јужен присанишен града Мариупол, освен челичарницата „Азовстал“, која е опколена од руските и проруските сили.

Зеленски тврди дека 120.000 цивили се блокирани во Мариупол и дека не можат да го напуштат градот.

Рече дека „Украина ѝ ги понудила сите опции на Русија за да обезбеди безбедно минување на војниците и цивилите подалеку од Мариупол“, но дека сѐ уште го чека одговорот на Русија. Притоа не ги прецизираше опциите кој ги претставил Киев.

Претходно, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Москва го контролира поголемиот дел од Мариупол, но дека уште 2.000 украински војници, припадници на крајнодесните паравоени формации и странски платеници се наоѓаат во подземни бункери во фабриката за челик Азовстал. Украина тврди дека со нив се и околу 1.000 цивили.

Претходно во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин нареди да не се извршува напад во челичарницата „Азовстал“, туку таа да биде цврсто блокирана за да не можат да се извлечат украинските војници или да им биде доставена помош. Притоа Путин повтори да на војниците коишто ќе се предадат, како претходните денови 1.500 нивни соборци, ќе им биде гарантирана безбедноста а ранетите ќе добијат медицинска нега.