Од нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина во четвртокот попладнето повторни доаѓаат спротиставени информации, но и руската и украинската страна потврдија дека поради пожар биле изгаснати двата последни активни реактори.
Најголемата во Европа нуклеарна централа Запорожје во истоимената област крај градот Енергодар од почетокот на март е под контрола на руските сили, но ја одржува украински персонал. Киев тврди дека руските сили ја гранатираат нуклеарката и предизвикуваат ризик од нуклеарна катастрофа за континентот, но тоа е малку веројатно, бидејќи таму се стационирани руските сили, кои ги контролираат и околните градови.
И двете страни известија за пожар, но руската страна вели дека е предизвикан од гранатирање од позициите на украинската војска, а украинскиот државен оператор „Енергоатом“ наведува само пожар кој ги оштетил надземните електрични водови по што два енергетски блока на Запорожје се исклучени од мрежата.
„Денеска, како резултат на удар од страна на вооружените формации на Украина врз далноводите во областа на нуклеарната централа Запорожје, избувна пожар на територијата на безбедносната зона на надземниот вод од 750 киловати. Пожарот предизвика краток спој на далноводите. Се активираше релејната заштита на нуклеарката, два енергетски блока беа исклучени, по што Запорожје остана без струја“, објави на Telegram челникот на привремената проруска администрација на областа Евгениј Балицки.
Додава дека по гаснењето на пожарот, еден реактор е ставен во функција, додека се прават подготовки за приклучување и на вториот. Според Балицики, снабдувањето со електрична енергија на сите градови и области во регионот Запорожје веќе е обновено.
Според украински „Енергоатом“, пожарот избувнал во јамите за пепел во термоцентралата на јаглен во близина на нуклеарката Запорожје. Огнот, според овој извор, ги оштетила водовите кои ја поврзувале нуклеарната централа со украинската електрична мрежа.
„Резултат на тоа е двете последни активни единици да се исклучени од струјата“, додава украинската компанија и истакнува дека „безбедносниот систем на централата функционираат нормално и дека се работи на приклучување на еден реактор назад на мрежата“.
Москва и Киев со седмици меѓусебно се обвинуваат за гранатирања во близина на нуклеарката која има шест реактори со вкупен капацитет од 6.000 мегавати.
Украина тврди дека наводно Русија таму поставила тешко вооружување од кое изведува борбени дејствија. Москва, пак, го негира тоа и повика да биде направена инспекција од стручњаци на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), но и го обвини Западот дека веќе две седмици го спречува доаѓањето на меѓународните експерти во нуклеарката.
САД немаат информации од каде и од кого за вршат гранатирањата врз нуклеарната централа Запорожје, претходно во четвртокот, изјави на онлајн брифингот американскиот заменик на државниот секретар за контрола на оружјето и меѓународна безбедност, Бон Џенкинс.
„Во моментов не сум во позиција да излезам со каква и да е потврда во врска со гранатирањата и од каде тие доаѓаат“, изјави Џенинкс .
Медиумите забележуваат дека е чудно што САД немаат сателитски снимки во врска со овој голем проблем, откако од почетокот на војната објавуваа сателитски снимки за движење на руските трупи во украина.