Киев: Уапсени 50 демонстранти

Министерството за внатрешни работи на Украина соопшти дека се уапсени 50 лица кои учествуваа во судирите со полицијата во изминатите неколку дена во Киев.

Во соопштението се наведува дека 26 активисти се задржани во притвор, а дека се поднесени тужби против 22 лица, не наведувајќи други детали.

Апсењата се извршени поради кривични дела во масовните нереди во кои, според тамошното министерство за внатрешни работи, повредени се 163 полицајци од кои 80 се хоспитализирани.

Се наведува дека уапсените активисти создавале најголем неред.

Активистите изјавиле дека стотина од нив се повредени во судирите со полицијата, која жестоко возвратила.