КИФ: Повеќегодишен план за регионална економска соработка

Интензивирањето на заедничката соработка со претседателите на шесте комори од Западен Балкан започна со една од клучните поенти на еден од „татковците на Европската унија“ Жан Моне, дека зад различностите и географските граници лежи заеднички интерес. Историски гледано, економијата секогаш е таа која прва гради мостови на поврзување меѓу земјите, а меѓу државите од Западен Балкан постојат многу заеднички економски интереси коишто бизнис секторот може најбрзо да ги валоризира во подобри економски перформанси во секоја од државите и подобар животен стандард.

По официјалното основање на Коморскиот инвестициски форум, следуваше отворањето на канцеларијата на постојаниот секретаријат на КИФ во Трст во 2017 година и отворањето на регионална канцеларија со седиште во Подгорица на почетокот на 2019 година. Овие две канцеларии функционираат како главна поддршка на бизнис заедницата во регионот задолжени за реализација на заеднички проекти но и следење на преземањето на чекори во секоја од Коморите од регионот поединечно, активности кои се дел од Повеќегодишниот план за создавање регионална економска област на Западен Балкан. Интенцијата е, сите дефинирани проекти во рамки на КИФ да условат подигнување на нивото на инвестиции, конкурентност, слободно движење на работната сила.

Со цел интензивирање на соработката во тек е спроведување на повеќегодишниот план со конкретни задачи за кои секоја од коморите во шесте земји членки на КИФ, индивидуално имаат преземено обврска за реализација. Истовремено се споревдуваат и заеднички активности за јакнење на регионот и придвижување на земјите од Западен Балкан кон Европската унија.

Во насока на реализирање на започнатите активности и имплементација на регионалните проекти, во канцеларијата на постојаниот секретаријат на КИФ во Трст, се  одржува седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, како и координативен состанок на националните координатори на КИФ од шесте комори од земјите на Западен Балкан. На состанокот учествува и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во функција на потпретседател на Коморскиот инвестициски форум.

Активностите преку проектите кои се или ќе бидат имплементирани преку Коморскиот инвестициски форум се базираат на неколку клучни прашања:

–  зголемување на конкурентноста на компаниите од регионот, преку заедничко учество на саеми и други настани од меѓународен карактер, креирање на заеднички производи и услуги и синџири на снабдување, за полесен настап на пазарите на ЕУ и заеднички настап на трети пазари;

–  поддршка на процесот на дигитална трансформација на компаниите, преку сертифицирање консултанти за дигитализација;

–  креирање пакет услуги за поддршка и поттик на извозните компании од регионот на Западен Балкан;

–  воведување на системот на дуално образование, во насока на обезбедување квалификуван кадар согласно потребите на компаниите и обезбедување услови за регионална мобилност;

–  вмрежување на институционално ниво – формирање Министерство за регионален развој во секоја од земјите на Западен Балкан;

–  воспоставување Арбитражен суд на регионално ниво и формирање  кредитни бироа за полесен пристап до финансии на компаниите од земјите на Западен Балкан.

Имплементацијата на регионалните проекти се реализира со поддршка на Европската комисија, Германија, Австрија и Јапонија, коишто, покрај финансиска помош, ќе учествуваат и со пренесување на своите експертизи, знаења и добри практики.