Ким Џонг-ун: Целта на Северна Кореја е да создаде најмоќна нуклеарна сила

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун порачал во неделата дека главната цел на неговата земја е да ја поседува најмоќната нуклеарна сила во светот, известуваат државните медиуми во Пјонгјанг.

Изјавата Ким ја дал во текот на свеченоста на којашто ги објавил унапредувањата на неколку десетици офицери вклучени во неодамнешното лансирање на најголемата севернокорејска балистичка ракета „Хвасонг-17“. Следејќи го лично нејзиното лансирање на 18-ти ноември, Ким порачал дека на нуклеарната закана од САД, Северна Кореја ќе возврати со нуклеарно оружје.

„Градењето на нуклеарната сила служи за заштита на достоинството и суверенитетот на државата и народот, и главната цел е да се поседува најмоќната стратешка нуклеарна сила, апсолутна сила без преседан во овој век“, рекол Ким пренесуваат светските агенции повикувајќи се на севернокорејската службена новинска агенција KCNA.

Кин ракетата „Хвасонг-17“ ја нарекол „најмоќното стратешко оружје на светот“, додавајќи дека таа ја покажува решителноста на Северна Кореја и нејзината способност да ја создаде најмоќната армија на светот.

Севернокорејските научници оствариле „значителен напредок во развојот на технологиите за правење нуклеарно глави на балистичките ракети“, додал Ким.

Позирајќи за фотографирање со научниците, инженерите, офицерите и другите вклучени во тестирањето на новиот тип интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), севернокорејскиот лидер им порачал дека очекува да продолжат „со неверојатна брзина да го шират нуклеарното оружје за одвраќање“.

Северна Кореја пред десетина дена ја истрела интерконтиненталната балистичка ракета во еден од најмоќните тестови досега, порачувајќи дека со нејзиното нуклеарно оружје ќе се соочат САД и Јужна Кореја, кои Пјонгјанг ги обвинува за подготовки за инвазија и за американската нуклеарна закана. Лансирањето на ракетата која може да понесе нуклеарна боева глава и да погоди која и да е точка на континенталната територија на САД, беше причина Вашингтон да бара декларација од Советот за безбедност при Обединетите нации со којашто ќе се критикува Северна Кореја за тестирањата на ракетите кои ѝ се забрането со резолуциите на Советот за безбедност.

Советот за безбедност при Обединетите нации одржа отворен состанок поради севернокорејското лансирање, на кое САД, Велика Британија, Франција и Индија „силно ги осудија“ постапките на Северна Кореја. Меѓутоа, западни дипломати тогаш за AFP рекле дека наводно Кина и Русија „избрале да не застанат зад заедничката изјава“ во понеделникот.

Претходно САД ги обвини Кина и Русија дека ја штитат Северна Кореја од натамошно казнување, која инаку е подложена на децениски сеопфатни меѓународни санкции. Во мај Пекинг и Москва ставија вето на предлогот на западните земји предводени од Вашингтон за построги санкции противи Пјонгјанг поради претходните лансирања.