Ким порача дека мирот на Корејскиот полуостров зависи од САД

Севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун во текот на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот во Владивосток порачал дека мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров потполно ќе зависат од идниот став на САД, известуваат во петокот севернокорејските медиуми.

Изјавата на Ким на самитот со Путин се претпоставува дека ќе создаде дополнителен притисок врз Вашингтон, во очекување американскиот став да стане пофлексибилен во врска со барањето на Пјонгјанг за намалување на економските меѓународни санкции.

Вториот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокоресјкиот челник во виетнамски Ханој во февруари беше прекинат. Американците бараа Северна Кореја целосно да се откаже од својата нуклеарна програма и на САД да му го предадат својот нуклеарен арсенал, а Пјонгјанг бараше ублажување на санкциите.

Покрај тоа, Ким Џонг-ун во стратегијата во преговорите со Вашингтон сака да го избегне ткн „либиско сценарио“ кога пред осум години либискиот челник Моамер ел-Гадафи се согласи да се откаже од развивање нуклеарна програма но потоа беше соборен и ликвидиран со бунт поддржан од Западот. Поради тоа Пјонгјанг својот нуклеарен потенцијал го гледа како средство за спречување на можна американска инвазија против Северна Кореја.

Ким, исто така, во Владивосток рекол дека очекува до крајот на годинава во надеж дека САД ќе станат пофлексибилни во преговорите.

„Ситуацијата на Корејскиот полуостров и во регионот дојде до критична точка од која би можела да се врати во првобитната состојба откако САД заземаа едностран став во лоша верба на неодамнешниот втор севернокорејско-американски самит. Демократска Народна Република Кореја ќе се подготви за секоја можна ситуација“, рекол Ким, пренесува во петокот службената севернокорејска новинска агенција KCNA.

Американскиот амбасадор во Јапонија, Вилијам Хагерти, изјави за еден вашингтонски тинк-тенк ресурс дека контактот на Ким со Русија и Кина е дел од напорите за ублажување на меѓународните санкции, пренесува Reuters.

„Фактот дека Ким се сретна со Путин истакнува дека санкциите дејствуваат, како и дека прават екстремен економски притисок врз севернокорејскиот режим. Ова што го гледаме е обид да се најде начин како притисокот да се намали. Постои поедноставен начин, а тоа е денуклеаризацијата“, рекол Хагерти.

Имајќи малку вистински информации од долгиот состанок меѓу Путин и Ким во четири очи во Владивосток, како и штурите изјави на челниците за медиумите, западните аналитичари оценуваат дека овој самит „не донел некои големи резултати“.

Агенцијата KCNA јави само дека двајцата челници се договориле да преземат „позитивни мерки во повеќе области“ за да ја унапредат меѓусебната соработка. Тие ги разгледале начините за „унапредување на стратешките комуникации и тактичката соработка за да се гарантира мирот на Корејскиот полуостров“. Притоа се наведува дека Ким го поканил Путин да ја посети Северна Кореја, а рускиот претседател ја прифатил поканата.