Кина бара од Јапонија да ги преиспита плановите за испуштање радиоактивна вода

Кина ја повика Јапонија да објави точни информации за составот на радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима и проценка на влијанието врз животната средина при нејзиното евентуално испуштање во морето.

– Кинеските власти побараа од Јапонија да не донесува самостојно одлуки, чие спроведување може да има последици за другите земји, особено за соседните, туку со консултации, изјави Ивона Ладјевац, шеф на Центарот за студии на Појаси и патишта при белградскиот институт за Меѓународна политика и економија.

Во авторскиот текст пренесен од Кинеската медиумска група (ЦМГ), Ладјевац потсетува дека земјотресот, кој ја погоди Јапонија во март 2011 година, предизвика тешка хаварија во нуклеарната централа Фукушима, каде оттогаш постојано се додава вода за разладување на нуклеарната гориво во реакторите.

Во текот на една деценија се собрани повеќе од еден милион тони контаминирана вода, истакна Ладјевац, додавајќи дека прашањето за отстранување на таа вода предизвика загриженост и кај Јапонците и во соседните земји, бидејќи како една од можните опции се појави испуштањето вода во морето.

Јапонската Влада, во неделата на одржувањето на самитот за климатски промени, ја објави својата одлука за две години да почне со испуштање на радиоактивна вода во морето.

Според Ладјевац, таквата одлука е спротивна со настапите кои Јапонија ги има во меѓународните организации кои се залагаат за зачувување на животната средина и отстранување на сите негативни последици од сегашните климатски промени, а исто така е и одраз на невнимание кон сопственото население, особено рибарите кои живеат од морето.