Кина ги предупреди Г7 дека „малите“ групи не владеат со светот

Кина во неделата остро ги предупреди челниците на земјата од Г7 дека деновите кога „малите“ групи земји одлучувале за судбината на светот одамна се минати, возвраќајќи на нападот од земјите коишто себеси се дефинираат како „најбогатите светски демократии“ кои бараат единствен став против Пекинг.

„Деновите кога глобалните одлуки ги диктираше мала група земји одамна се минати. Секогаш веруваме дека државите, големи или мали, силни или слаби, богати или сиромашни, се еднакви и дека светските прашања би требало да се решаваат со советување со сите држави“, порача портпаролот на кинеската амбасада во Лондон.

Појавата на Кина како водечка глобална сила се смета за еден од најважните геополитички настани во новите времиња, по распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, со што практично заврши некогашната идеолошка Студена војна.

Земјите од Г7, чиишто челници одржуваат тридневен самит во југозападна Англија, бараат конкретен одговор на сѐ поголемата асертивност на кинескиот претседател Кси Џинпинг, по спектакуларниот економски и воен подем на Кина во последните четири децении.

Челниците на групата која ја сочинуваат САД, Велика Британија, Јапонија, Германија, Франција, Италија и Канада, сакаат да го искористат собирот во англиското приморско летувалиште Кербис Беј, за на светот да му покажат дека тие може да понудат алтернатива на растечкото влијание на Кина.

Канадскиот премиер Џастин Трудо ја водеше во саботата дискусијата на Г7 посветена на Кина и ги повика колегите да усвојат единствен простап на предизвиците кои ги поставува Кина, рекол за Reuters извор од самитот.

Како што беше и претходно објавено, земјите од Г7 планираат да им понудат на земјите во развој инфраструктурна шема која би можела да парира на амбициозната и извонредно скапа кинеска иницијатива „Појас и пат“.