Кина го откажа видео обраќањето на челникот на ЕУ на отворање на голем трговски саем

Кинеските власти, кои го организираат големиот меѓународен трговски саем во Шангај, не го објавија говорот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на церемонијата на отворањето во кој ја критикувал „руската нелегална војна“ во Украина и повикал на „намалување на трговската зависност“ од Кина, пренесува Reuters повикувајќи се на дипломатски извори.

Однапред снименото обраќање на Шарл Мишел требало да биде еден од неколкуте говори на светски државници и челници на меѓународните организации, вклучително и на кинескиот претседател Кси Џинпинг, на отворањето на China International Import Expo (CIIE) во петокот, рекле тројца европски дипломати за Reuters.

Дипломатите, кои не сакале да бидат именувани поради чувствителноста на темата, рекле за агенцијата дека се „изненадени поради тоа што говорот е отстранет“.

„Претседателот Мишел беше повикан да се обрати на петтиот Хонгџао форумот во Шангај… Како што бараа кинеските власти бараа, навистина испративме однапред снимена порака која на крајот не е емитувана. Тоа го решаваме преку нормалните дипломатските канали“, изјавил за Reuters Беренд Лејтс, портпарол на шефот на Европскиот совет.

Никој од кинеското министерство за надворешни работи или коорганизаторите на саемот, кинеското министерство за трговија и градската влада на мегалополисот Шангај, не одговориле на барањата од Reuters за коментар.

Другите челници кои говореле на свеченото отворање на саемот, по кинескиот претседател Кси биле генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, главниот директор на Светската трговска организација и претседателите на Индонезија, Шри Ланка, и Белорусија, се наведува на официјалната веб-страница на саемот.

Говорот на претседателот на Европскиот совет бил наводно „многу критичен“ кон „незаконската војна на Русија против Украина“ и рекол дека Европа „од неа учи важна лекција“, според инсерти од обраќањето кои ги доставиле европските дипломати, пренесува Reuters.

Европа била премногу зависна од Русија во поглед на фосилните горива, што довело до трговската нерамнотежа, рекол Мишел според истиот извор.

„Во Европа сакаме рамнотежа во нашите трговски односи… за да избегнеме претерана зависност. Тоа важи и за нашите трговски односи со Кина“, рекол Мишел според дипломатите кои тврдат дека се запознаени со снимката од неговото обраќање.

Мишел, исто така, наводно во необјавениот говор ја повикал Кина „да стори повеќе за да го запре крвопролевањето“ во Украина.

„Кина би, користејќи го своето влијание, имала улога во запирањето на руската брутална војна… преку вашето таканаречено ‘неограничено’ партнерство со Русија. Вие, Кино, можете да помогнете да му се стави крај на тоа“, рекол наводно Мишел алудирајќи на стотиците договори во разни сфери кои Москва и Пекинг ги потпишаа на почетокот од февруари годинава, пред почетокот на војната во Украина.

Службата за надворешна политика на ЕУ изјави во документот од октомври дека на Кина треба да се гледа првенствено како на „конкурент кој поттикнува алтернативна визија на светскиот поредок“.

Се очекува, барем во Брисел, дека Кси и Мишел ќе присуствуваат и оти ќе се сретнат на самитот на челниците на земјите на Г20 на индонезискиот остров Бали следниот вторник и среда.

Претседателот на Европскиот совет е еден од највисоко рангираните функционери во Европската унија чијашто улога вклучува претставување на блокот на меѓународните состаноци на врвот и билатералните самити со други шефови на држави.