Кина го повика Вашингтон на соработка по објавувањето на националната стратегија

Соработката меѓу Кина и САД ќе доведе до победнички исход за двете страни, а спротиставувањето ќе резултира со двострани загуби, порача во вторникот Пекинг откако Белата куќа ја прогласи Кина за конкурент кој настојува да ја доведе во прашање американската моќ.

Според новата стратегија за американската национална безбедност која беше објавена во понеделникот, а ја изготви администрацијата на претседателот Доналд Трамп, Кина и Русија се опишани како конкуренти кои сакаат да ја оспорат превласта на САД во светот и американската безбедност и просперитет.

„Тие се решителни економиите да бидат помалку слободни и помалку праведни, да ги јакнат своите војски и да ги контролираат информациите и податоците поради опресија над своите општества и ширењето на своето влијание“, се истакнува меѓу другото во документот на стратегијата срочен на шеесетина странициа.

Кина се надева дека САД ќе се откажат од својот пристап и ќе бараат заеднички јазик со почитување на различностите, објави кинеската амбасада во Вашингтон на својата интернет страница.

„Кина на основа на меѓусебното почитување е подготвена мирно да коегзистира со другите држави, вклучително и САД. Меѓутоа, САД мора да се прилагодат и да го прифатат кинескиот развој“, се додава во реакцијата на кинеската дипломатска мисија.

Кина и Русија во американската стратегија се издвоени како „ревизионистички сили“, а висок американски функционер кој не сакал да биде именува рекол за Reuters дека Русија и Кина се обидуваат да го изменат глобалниот однос на силите: Русија во Европа со воените упади во Грузија и Украина, а Кина во Азија со агресијата во Јужнокинеското Море.

Американската администрација, исто така, предупреди дека кинеското поткраднување на американската интелектуална сопственост претставува национално-безбедносен проблем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.