Кина го шири својот нуклеарен арсенал

Кина тргнала во значително ширење на својот нуклеарен арсенал, тврдат стручњаците од Здружението на американските научници (FAS), кои со помош на сателити откриле наводно повеќе локации на кои се градат складишта за нуклеарни проектили, пренесува во вторникот агенцијата DPA.

Во јуни FAS забележале градење на силоси во близина на Јумен, во покраината Гансу, и втора локација кај местото Хами во северозападното подрачје на покраината Ксинџијанг.

„Градењето силоси во Јумен и во Хами претставува најзначајното ширење на кинескиот нуклеарен арсенал кога и да е“, напишале научнциите во извештајот објавен во вторникот.

Работите на друга локација, околу 380 километри од Јумен, започнале во март годинава но досега не напредувале позначително, се додава во извештајот.

Според процените на експертите на FAS, станува збор за градење на околу 110 силоси во Хами, додека во Јумен би можело да има околу 120 силоси.

Во FAS проценуваат дека Кина во моментов располага со околу 350 нуклеарни боеви глави. Пентагон минатата 2020 година излезе со процена од 200 нукеларни боеви глави, но се очекува дека таа бројка во следните десет годни двократно ќе се зголеми.

САД и Русија во моментов располагаат со по околу 4.000 нуклеарни боеви глави, и поради таквата несразмерност Пекинг решително ги одбива сите американски обиди да ја вклучи Кина во договорите за контрола и ограничување на стратешкото вооружување.