Кина и Германија стануваат велесили а влијанието на САД слабее, оцени Путин – подготвен е за заедничка истрага за Навални

Времето кога САД и Русија одлучуваа за најважните светски прашања е минато, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин додавајќи дека Кина и Германија се движат кон статусот суперсили.

Во текот на своето обраќање во кое му беа поставувани и прашања во рамките на дискусијата на влиајтелниот меѓународен дебатен клуб Валдаи, рускиот претседател Владимир Путин сугерираше дека слабеат моќта и влијанието на САД, како и на Велика Британија и на Франција, како и дека Кина и Германија, во смисла на политичка и економска тежина, стануваат суперсили.

Доколку Вашингтон не е подготвен со Москва да разговара за глобалните прашања, Русија за тоа ќе разговара со другите држави, рече Путин кој во дискусијата учествуваше преку видеолинк.

Во пресрет на американските претседателски избори на 3-ти ноември, рускиот претседател рече дека „се надева“ оти новата администрација во Вашингтон ќе биде подготвена за дијалог за безбедноста и контролата во вооружувањето.

САД имено минатата седмица го одбија предлогот на Русија за уште една година без дополнителни услови да продолжи последниот договор од 2010 година со кој се ограничува нуклеарниот арсенал на двете земји,

„Светот нема иднина без систем за контрола на вооружувањето“, предупреди Путин, но и додаде дека безбедноста на Русија нема да претрпува штета и без договорот.

 

Русија бара помош од САД за судирот на јужен Кавказ

Путин, исто така, ги повика САД да ѝ помогнат на Русија во постигнување на решението за задкавкаскиот судир во Нагорно Карабах, каде што според сознанијата на Путин, веќе се убиени околу 5.000 луѓе.

„Има многу жртви, повеќе од две илјади на секоја страна“, рече Путин.

Нагорно Карабах, доминатно населен со Ерменци од СССР е вклучен во територијата на Азербејџан, се отцепи еднострано во 1988 година пред распадот на Советскиот сојуз а потоа следеше војната меѓу двете поранешни советски републики во која загинаа над 30.000 луѓе. Во најновите судири кои започнаа на 27-ми септември, властите во Нагорбо Карабах соопштија дека загинал 874 војници и 37 цивили, а Азербејџан тврди дека загинал 61 цивил од негова страна, но не ги наведува воените жртви.

А шансите за крај на едномесечното крвопролевање во планинската енклава Нагорно Карабах се чини се слаби, откако Азербејџанците и Ерменците во четвртокот ги продолжија борбите пред разговорите во Вашингтон. Планот на американскиот државен секретар Мајк Помпео утре да се состане со азербејџанските и ерменските министри за надворешни работи ги зголеми надежите дека двете поранешни советски републики ќе се договорат и ќе стават крај на најжестоките борби од средината на 1990.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров одвоено во Москва се состана со колегите од Ерменија и од Азербејџан на разговори чија цел е запирањето на крвавиот конфликт во Нагорно Карабах, соопшти во средата руската дипломатија, а „одвоените средби“ се одвивале во вторникот и во средата.

„Беше разговарано за итните прашања поврзани со покренување на договорот за примирје, за кои одлуки беа донесени порано, како и за создавање на потребните услови за трајно решение на судирот во Нагорно Карабах“, појаснува Москва.

Првото ткн хуманитарно примирје требаше да стапи на сила на 10-ти октомври, но не заживеа. Второто примирје пропадна седмица подоцна.

 

Путин појасни како Навални бил префрлен во Германија и праша зошто Европа одбива соработка

Во натамошниот дел од дискусијата во клубот „Валдаи“, рускиот претседател рече дека тој лично му дал упатство на обвинителството да му дозволи на опозицискиот блогер Алексеј Навални, според Западот наводно отруен од руските власти со нервниот агенс „новичок“, да биде префрлен од Омск каде со брза интервенција му беше спасен животот на натамошно лекување во Германија.

„Доколку оваа личност властите навистина сакале да ја отрујат по секоја цена, тогаш тешко дека би ја испратиле во Германија на лекување“, посочи Путин.

„Веднаш штом сопругата на овој граѓанин се обрати до мене, веднаш му порачав на обвинителството да ја провери можноста за негово лекување во странство, имајќи предвид дека тие не можеа да дозволат поради ограничувања поврзани со судска истрага за него. Имаше ограничувања за патувања за него. Но, сепак, побарав од Државното обвинителство да даде дозвола и тој замина“, додаде рускиот челник.

Путин потсети на изјавите дека во анализите од биоматеријалите на Навални во Германија наводно биле пронајдени траги од „новичок“, „озлогласен и веќе познат на сите во светот“.

„Ние велевме: дајте ни биолошки материјал и официјален заклучок за да можеме од своја страна да го испитаме тоа натаму и да имаме правни и формални основи за покренување кривична постапка. Но тие не даваат ништо! Како вие го објаснувате тоа, зошто? Нема објаснување“, одговори Путин.

Навални сериозно се разболе за време на авионски лет во Русија на 20-ти август, кога авионот итно слета во сибирскиот град Омск за да биде тој пренесен во болница. Веднаш штом му се слоши, неговата портпаролка Кира Јармиш објави дека можеби бил отруен. Руските лекари изјавија дека не откриле трага од отров, тврдејќи дека тој страдал од остар пад на гликоза. Два дена подоцна, тој беше пренесен во Берлин, на понатамошно лекување во болница на инсистирање на неговото семејство. Германските специјалисти во анализите пронајдоа траги од нервниот агенс „новичок“, но и по два месеца го одбиваат предлогот на руските колеги да разменат биоматеријали од Навални кои ги поседуваат двете страни за да може да се отвори истрага.

Путин истакна дека Москва не побарала „ништо невообичаено“, таа постапила во согласност со договорите кои ги има со Германија, а руското обвинителство повеќепати спровело релевантни истраги. Додаде дека самиот тој предложил руски и европски експерти зедно да ги истражуваат околностите на инцидентот со Навални.

„Ние би добиле некои материјали и би можеле да ги ставиме во основата на кривичното дело и, доколку тоа навистина е криминално деание, да го истражиме тоа“, рече Путин.

Подоцна, продолжи рускиот претседател, материјалите беа предадени во Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) и следеа нови изјави, дека наводно не бил труен со „новичок“, туку со нешто друго.

На 6-ти октомври OPCW соопшти дека супстанциите најдени во крвта и телото на Навални „по нивните карактеристики се слични на нервниот агенс „новичок“, но не се на новата проширена листата забранети материи“.

„Значи тоа бил ‘новичок’ или не? Веќе се јавуваат сомнежи за тоа што беше тврдено на почетокот“, додаде Путин уште еднаш повикувајќи на заедничка истрага за инцидентот.

„Јас велам, доколку е така, тогаш сигурно ќе спроведеме истрага. За жал, имавме случаи на атентати на јавни личности, бизнисмени. И сето тоа беше истражувано во Русија, беа пронајдени и казнети сторителите. Во овој случај (на Навални – з.р.) ние сме подготвени да работиме со целосна посветеност“, заклучи Путин.