Кина и САД ја намалија цената на нафтата под 82 долари

Цените на нафтата паднаа под 82 долари на меѓународните пазари во средата под притисок од знаците за забавување на економската активност во Кина и проценките за рекордно производство во САД.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за испораките во март беше пониска за 90 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 81,97 долари. Поактивно се тргуваше со барелите за испорака во април, по пониска цена од 1,17 долари, 81,33 долари. На американскиот пазар барелот поевтини за 1,33 долари и се лизна на 76,49 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот поскапел за 1,19 долари на 84,19 долари.

Трговците ја следат ситуацијата во Кина откако судот во Хонгконг во неделата нареди ликвидација на презадолжениот имотен гигант „Evergrande“. Градежниот сектор сочинува околу една четвртина од кинескиот бруто домашен производ (БДП), па се стравува дека кризата може да ја ограничи побарувачката за нафта. Загриженоста беше поттикната во средата од податоците дека кинеската индустриска активност паднала во јануари четврти месец со ред, според истражувањето на Кинеската федерација за логистика и синџир на снабдување.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) прогнозира дека Кина ќе биде моторот на растот на побарувачката на нафта оваа година.

„Податоците од индустријата го потврдуваат нашиот став дека Кина, барем засега, го кочи растот на глобалната побарувачка на нафта“, вели Тамаш Варга од PVM.

Загриженоста за побарувачката е поттикната од предвидувањата дека американската централна банка ќе ги задржи каматните стапки на сегашното ниво оваа седмица. Економистите проценуваат дека има мали шанси Fed да ги намали пред јуни, со оглед на континуираната силна потрошувачка на домаќинствата.

Конфликтите на Блискиот исток паднаа во втор план. Анкетата на Reuters сугерира дека рекордното производство на Запад и слабиот економски раст ќе ја задржат цената на нафтата и ќе ја ограничат премијата за геополитички ризик.

„САД го зголемија производството и извозот, што ги стабилизираше цените, и покрај зголемените геополитички ризици, а глобалните пазари повторно гледаат вишок (во понудата)“, објаснува Метју Шервук од EIU.

Меѓународната агенција за енергија прогнозира дека понудата ќе достигне ново рекордно ниво оваа година благодарение на рекордните количества барели од САД, Бразил, Гвајана и Канада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.