Кина и Унгарија треба заедно да соработуваат во мултиполарниот свет, порача Ванг Ји

Кина и Унгарија треба да ја поддржат меѓусебната мултилатерална соработка настапувањето на мултиполарниот свет, изјави во понеделникот првиот човек на кинеската дипломатија Венг Ји во текот на неговата посета Унгарија.

„Во светот полн со опасности и загриженост, Кина и Унгарија треба да продолжат со мултилатералната соработка, да ја поддржат мултиполарноста … и централната поддршка на Обединетите нации за да се осигура дека во светот ќе има поголема соработка и разбирање а помалку недоразбирање“, рече Ванг Ји на прес-конференцијата по разговорите со својот унгарски колега Петер Сијарто емитувана на Facebook профилот на шефот на унгарската дипломатија.

Ванг Ји изјави дека во текот на состанокот ден претходно со унгарскиот премиер Виктор Орбан, му ја пренел официјалната покана за учество на Форумот на високо ниво на иницијативата „Појас и пат“ во Пекинг каде ќе ги претстави водечките проекти на унгарско-кинеската соработка, како на пример изградбата на брзата железничка линија меѓу Будимпешта и Белград.

„Кина ќе ја продолжи пријателската соработка со Унгарија… Би сакале дополнително да ја развиваме соработката со Унгарија и Европската унија во сите области“, заклучи Ванг Ји.

Унгарија ја поздравува посветеноста на Кина за брзо мирно решавање на војната во Украина и се надева на успешна заедничка соработка во таа насока, рече на заедничката прес-конференција унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

„Би сакал уште еднаш да истакнам дека ја поздравуваме позицијата на Кина за потребата од скоро склучување на мирот. Искрено се надевам дека за тоа… ќе можеме успешно заедно да работиме на тоа“, рече Сијарто.

Во иста насока зборуваше и неговиот кинески соговорник истакнувајќи дека и Будимпешта и Пекинг сакаат завојуваните страни во Украина да се обидат да изнајдат решение коешто „ќе биде во полза од Европа и целиот свет“.

„Кина и Унгарија се земји посветени на мирот… доследно работат заедно со другите земји посветени на мирот за да се стави крај на сегашната воена ситуација што е можно поскоро. Би сакале повторно (завојуваните) страни да се вратат на преговарачката маса и преку мировни преговори да најдат решение за сегашната ситуација…“, се надоврза Ванг Ји.

Од Будимпешта Ванг Ји треба да отпатува за Москва на разговори за можниот мировен план за Украина. Ванг Ји претходно во викендот на Минхенската безбедносна конференција рече дека Кина ќе претстави иницијатива за прекинување на војната, која ќе се заснова на територијалниот интегритет, но и на Повелбата на Обединетите нации.

Истовремено шефот на кинеската дипломатија уште еднаш повикувајќи на дијалог им сугерираше на европските земји „трезвено да размислат“ како да се стави крај на војната. Ванг Ји истакна и дека има „некои сили кои очигледно не сакаат преговорите да успеат или војната наскоро да заврши“, но директно не именуваше кои.