Кина не крие ништо за потеклото на пандемијата

Кинескиот здравствен експерт Лиан Ваниан изјави дека нема фактичка основа за да се поддржат тврдењата дека Кина не споделила информации со истражувачи назначени од Светската здравствена организација (СЗО) за да го испитаат потеклото на коронавирусот.

По официјалното објавување на резултатите од заедничката истрага за потеклото на вирусот од Кина и СЗО, генералниот директор на светската организација Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека Кина не ги споделила сите информации со меѓународните истражувачи за време на нивната посета на Вухан, каде биле откриени првите случаи на инфицирани со коронавирус. Но, Ваниан, коавтор на заедничката студија, изјави дека кинески и меѓународни истражувачи добиле пристап до истите информации за време на истрагата. Според него, тврдењата дека не добиле пристап не се точни.

– Се разбира, според кинескиот закон, некои податоци не можат да се изнесени или фотографираат, но кога заедно ги анализиравме во Вухан сите можеа да ја видат базата на податоци, материјалите – тоа го сторивме заедно, објасни експертот.

Тој исто така ги отфрли забелешките дека објавувањето на извештајот редовно се одложувал, нагласувајќи дека „секоја реченица, секој заклучок, секоја информација“ треба да бидат проверени од двете страни пред да бидат објавени наодите.