Кина нема во понеделник да примени дополнителни царини на возилата од САД

Државниот совет на Кина соопшти во неделата дека и по понеделник, 1-ви април, нема да применува дополнителни царински намети на американските возила и автоделовите, што ќе го стори за да покаже добра волја, а по одлуката на САД да го одложи зголемувањето на царините на увозот на кинески стоки.

Кина во декември објави дека на три месеца ќе го одложи воведувањето на дополнителните 25 отсто царина на возилата и автомобилските делови произведени во САД. Одлуката следеше по примирјето во трговската војна меѓу двете најголеми светски економии.

Државниот совет во неделата извести дека целта на денешната одлука е „да се продолжи работата во добра атмосфера, кога станува збор за актуелните трговски преговори меѓу двете страни“.

„Станува збор за позитивна реакција на одлуката на САД за одложување на зголемувањето на царините и конкретна активност на Кинезите на придвижување на билатералните трговски преговори… Се надеваме дека САД можат да соработуваат со Кина, дека можат да ги забрзаат преговорите и да преземат конкретни чекори со цел да се стави крај на трговските тензии“, се истакнува во соопштението на кинескиот Државен совет.

Дополнително ќе биде објавено кога одложувањето на воведувањето на царинските намети ќе заврши, се додава во соопштението.