Кина од Канада бара да ја ослободи директорката на Huawei, предупредува на последици

Кина во саботата ја предупреди Канада дека ќе понесе тешки последици, доколку веднаш на ја ослободи челничката на технолошката компанија „Huawei“, оценувајќи дека станува збор за многу тежок случај.

Менг Ванжу, потпретседателка на споменатата технолошка компанија и ќерка на основачот на „Huawei“, Рен Женгфеи, на први декември беше уапсена во Ванкувер и и’ се заканува екстрадиција во САД, каде што е обвинета дека ги прекршила американските санкции против Иран.

Во кусото соопштение, кинеското министерство за надворешни работи наведува дека помошнико министер Ле Јученг го повикал канадскиот амбасадор во Пекинг и му изразил остар протест, и повикал на неодложно ослободување на Менг. Во петокот беше одржано речиси шестчасовно сослушување на финансиската директорка на „Huawei“ пред канадскиот суд, а ќе биде продолжено во понеделник.

Американските власти го следеле „Huawei“ најмалку од 2016 година поради наводно купување на американски производи за Иран и други земји коишто биле под американски санкции, изјавија претходно седмицава неименувани извори на Reuters. Освен кршењето на санкциите, компанијата се сомничи и дека е своевиден таен агент на кинеските власти, како и дека го прекршил пактот за нешпионирање кој беше потпишан во временот на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Апсењето на 46-годишната Менг, коешто предивика шок во деловниот свет, за Пекинг го доведува во прашање тримесечното трговско “примирје“, коешто токму на денот на апсењето на маргините од самитот на Г20 во Аргентина, го потпишаа претседателите Доналд Трамп и Кси Џинпинг.