Кина отвора регулаторна истрага за Google

Кина е подготвена да започне регулаторна истрага за „Google“ за да ги провери наводите дека ја искористил доминацијата на својот оперативен систен Android да ја истисне конкуренцијата, соопштиле за Reuters два упатени извори.

Отворањето на истрагата ја предложил минатата 2019 година кинескиот гигант во секторот телекомуникациска опрема „Huawei Technologies“, а главниот регулатор го проследил неговиот предлог до владината регулаторна комисија, која ќе го анализира, додале соговрниците на агенцијата.

Одлуката за покренување на официјалната истрага може да биде донесена веќе во октомври, а на неа би можело да влијаат односите меѓу Кина и САД, рекол еден од изворите.

Потенцијалната истрага се надоврзува на низата потези со кои администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ги ограничи кинеските технолошки компании, тврдејќи дека претставуваат закана за националната безбедност.

Вашингтон, исто така, го стави „Huawei“ на трговската црна листа, а со сличен потег му се закани и на произведувачот на чипови „Semiconductor Manufacturing International Corp“ (SMIC), додека на сопственикот на апликацијата TikTok, компанијата „ByteDance“ ѝ наложи да ја продаде работата во САД.

Најавата за можната истрага временски се совпадна и со опсежните измени на кинеските закони за пазарната конкурентноост, кој вклучуваат драматично зголемување на максималните парични казни и проширени критериуми за контрола на пазарот.

Истрага би се занимавала и со обвиненија дека пазарната позиција на Google би можела да им нанесе „екстремна штета“ на компаниите како „Huawei“, бидејќи губењето на поддршката на Google на оперативните системи засновани на Android ќе доведе до губење на довербата и приходите, рекол друг извор.

Изворите на агенцијата не биле овластени јавно да зборуваат за оваа тема, па побарале анонимност. Од Google не одговориле на барањето да ја коментираат информацијата, додека од „Hawei“ одбиле да ја коментираат информацијата за можната истрага. Кинескиот регулатор и владината комисија, пак, веднаш не биле достпани на барањето коментар.