Кина почна да користи вакцина против коронавирус што се вдишува

Шангај денеска почна да ја користи првата вакцина против корона која се вдишува, а ќе има и бесплатна бустер доза за луѓето кои веќе се вакцинирани, се вели во соопштението на кинеските здравствени власти.

Вакцинирањето против корона вирусот не е задолжително во Кина, но властите сакаат што е можно поскоро повеќе луѓе да примаат засилувачки дози пред да се олеснат строгите ограничувања, бидејќи мерките за борба против пандемијата ја забавуваат економијата во време кога остатокот од светот ги укина повеќето мерки.

Луѓето кои сакаат да се вакцинираат со новата вакцина, тоа можат да го сторат преку користење кратка пумпа до устата, низ која го вдишуваат лекот и го задржуваат здивот пет секунди.

Новата вакцина би можела да заштити од вирусот дури и пред да стигне до остатокот од респираторниот систем, иако тоа делумно ќе зависи од количината на изложеност на вирусот.

Во септември, Кина ја одобри вакцината развиена од нејзината компанија „CanSino Biologics“ како дополнителна доза.