Кина почнува истрага против Алибаба

Кинеската државна управа за регулирање на пазарот објави дека ќе покрене истрага против Алибаба.

Истрагата ќе биде покрената поради сомневања дека оваа компанија покажала одредени монополски активности во своето работење.

Кинеските регулатори на пазарот претходно го предупредија Алибаба да престане со практиката принудување на трговците на мало да потпишуваат ексклузивни договори што ги спречуваат да нудат производи на конкурентските платформи.

Финансиските регулатори во наредните денови ќе се сретнат и со филијалата за финансиска технологија на Алибаба, Ант Груп, каде ќе разговараат и за кредитното работење што го прави оваа компанија во последно време.

Кинеските технолошки гиганти како „Алибаба“ и „Тенсент“ се повеќе се контролираат од кинеската влада, а оправданоста за ваквите постапки тие ја гледаат во фактот што компании како овие имаат зголемена моќ кога станува збор за позицијата на пазарот, што кинеските власти сметаат дека е погрешна практика.

Неколку години порано, една од најголемите кинески трговски страници ЈД, побара да се започне истрага против Алибаба од слични причини. Тогаш ЈД се повика на регулатива што стапи на сила во 2015 година и со која се забранува веб-страниците  да спречуваат или ограничуваат учество на нивните трговци во промотивни кампањи на други платформи, пренесува Кликс.ба.

Покрај овие обвинувања, Алибаба имаше проблем и на европскиот пазар, а здруженијата на потрошувачи во најголемите европски земји побараа од регулаторите на матичните земји да започнат истрага против Алибаба за нелегални практики на нивната страница АлиЕкспрес, кои не се во согласност со правилата на ЕУ.