Кина подготвена да ги „рекалибрира“ врските со Австралија

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји оцени дека кинеско-австралиските односи моментално се соочуваат со предизвици и можности, и истакна дека Пекинг има добра волја „повторно да ги калибрира“ врските во духот на меѓусебното почитување.

„Кинеската страна има добра волја да го опипа пулсот (на врските), повторно да ги калибрира и повторно да исплови“, рече Ванг за кинеските медиуми во регионот Гуанжи во четвртокот, според соопштението на кинеското министерство за надворешни работи објавено во петокот.

Меѓутоа, Австралија „мора да го исправи своето сфаќање на Кина и да не ги поттикнува разликите, како и да се воздржи од придружувањата на другите во обидите за воздржување“ на Пекинг, порача Ванг.

Шефот на кинеската дипломатија очигледно алудираше на фактите кон средината на ланскиот септември, сосема неочекувано и без никакви најави, беше објавено дека Австралија заедно со Велика Британија и САД склучиле воен сојуз AUKUS. Само седмица подоцна во Вашингтон беше одржана и средба на челниците на САД, Јапонија, Индија и Австралија на самитот на групата Quad којашто споделува загриженост поради јакнењето на улогата на Кина во регионот.

Во текот на тогашните контакти меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Кси Џинпинг, двајцата челници оценија дека воениот сојуз AUKUS ја поткопува нуклеарната рамнотежа и ги поттикнува тензиите во азиско-пацифичкиот регион.

Покрај тоа, на самитот на НАТО во Мадрид на крајот од јуни, првпат во историјата во десетгодишниот Стратешки концепт на Алијансата, Кина беше наведена како „сериозен предизвик“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.