Кина порача дека на свој начин игра конструктивна улога во решавање на украинската криза

Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога на свој начин во мирното решавање на кризата во Украина, изјави на брифингот за новинарите во петокот, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин коментирајќи ги објавите дека сопругата на украинскиот претседател Елена Зеленска на кинеската делегација во Давос ѝ предала порака од Володомир Зеленски за кинескиот претседател Кси Џинпинг.

„Кога станува збор за украинската криза, Кина отсекогаш била посветена на поттикнувањето мир и напредок во преговорите. Кинеската страна ќе продолжи да игра конструктивна улога во мирното решавање на кризата на свој начин“, одговори Венбин.

Претходно седмицава беше објавено дека првата дама на Украина Елена Зеленска на маргините од Светскиот економски самит во швајцарското монденско зимско одморалиште Давос им предала писма со „формулата за мир“ на челниците на Европската комисија, Швајцарија и Кина. Зеленска притоа истакна дека писмото за кинескиот претседател Кси, кој не присуствува во Давос, е покана за дијалог.

Шефот на украинскиот претседател Андриј Ермак во четвртокот на форумот во Давос изјави дека украинските власти се надеваат дека Пекинг ќе го промени ставот за конфликтот меѓу Москва и Киев. Според него, украинската страна гледа можност за тоа, во прв ред, преку „формулата за мир“ на украинскиот претседател Зеленски.

Истакна дека Зеленска во Давос на кинеската делегација ѝ ја предала пораката за Кси која ги опишува главните одредби од „формулата за мир“. Според Ермак, Украина „се надева и очекува реакција од Кина“.

Во ноември минатата 2022 година, украинскиот претседател Зеленски во видео обраќањето на самитот на Г20 на Бали, ја објави својата визија за постигнување мир во Украина којашто се состои од десет точки.

Меѓу неговите предлози беа радијациската, нуклеарната, енергетската и безбедноста на храната, ослободувањето на сите заробеници, враќањето на територијалниот интегритет на Украина на границите пред превратот во Киев во 2014 година, повлекување на руските трупи од целата територија на земјата вклучително и од црноморскиот полуостров Крим кој пред речиси девет години ѝ се присоедини на Русија, прекин на непријателствата, спречување на ескалација на судирот, како и обновување и насочување кон крајот на војната.

Покрај тоа, Зеленски истакна дека „нема да има никакво Минск 3“, алудирајќи на договорите од 2014-та и 2015-та постигнати во белоруската престолнина со кои на побунетите проруски региони Доњецк и Луганск им се даваше широка автономија во рамките на Украина. Но Киев никогаш не ги спроведе, дури самиот Зеленски во 2021 година истакна дека украинската страна никогаш немала намера да ги спроведе Минските договори.

Неодамна тоа го потврдија и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, кои беа гаранти на договорите од Минск, кои потврдија дека тие биле само план како на Украина да ѝ се даде време да се вооружи за воено да го реши прашањето на доминантно рускиот југоисточен регион Донбас.

Москва уште во ноември ја отфрли „формулата“ на Зеленски оценувајќи дека тоа ја потврдува неподготвеноста на Киев за суштински мировни преговори, како и дека руската страна нема со никого да преговара врз основа на таа „формула за мир“.