Кина во средата ја предупреди претседателката Цаи Инг-вен дека го турка Тајван во „бурни мориња“, откако кинеската армија одржа тридневни сеопфатни воени вежби во кои симулираше напад врз островот кој го смета за своја одметната покраина во она што го нарече одговор на провокацијата до Тајпеј.
Пекинг беше испровоциран од средбата на Цаи со претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Меккарти, кој по функција е во третиот ред на американскиот државен ред, чин од кој Вашингтон долги децении се воздржуваше за да не ја провоцира Кина сѐ до ланската посета на Тајпеј од страна на претходничката на Меккарти, Ненси Пелоси, кога исто така дојде до ескалација на ситуацијата во Тајванскиот теснец.
„… На светот му ја покажа решителноста на Тајван да ја брани слободата и демократијата“, изјави Цаи во врска со нејзиното прекуокеанско патување, во рамките покрај двете средби во САД, со Маккарти и други американски конгресмени, ги посети и Гватемала и Белизе, единствените земји од Централна и Јужна Америка кои одржуваат дипломатски односи со Тајпеј.
Пекинг, ја осудува Цаи, која си поднесе оставка од челната позиција во владејачката Демократска напредна партија (DPP) по големиот ноемвриски пораз на локалните избори од партијата Куомитанг (KMT) обвинувана како пропекиншка партија, како сепаратист и ги отфрла нејзините повторени повици на преговори. Цаи, чиј мандат истекува во 2024 година, вели дека сака мир но дека нејзината влада ќе го брани Тајван ако биде нападнат.
„Цаи Инг-вен му донесе опасност на Тајван. Цаи Инг-вен речиси целосно застана на страната на САД, туркајќи го Тајван во бурно море“, изјави во средата портпаролката на кинеското Биро за тајвански прашања Жу Фенглијан.
Жу порача дека воените вежби околу Тајван претставуваат „сериозно предупредување против дослухот и провокациите на тајванските сепаратистички сили за независност и надворешните сили“.
Цаи која се врати на Тајван ден пред почетокот на кинеските воени вежби, истакна дека нејзиното патување било успешно во „добивањето поддршка против агресорот кои ѝ се заканува на слободата“ на островот.
„Со ова патување повторно ѝ испративме порака на меѓународната заедница дека Тајван е решителен да ги чува слободата и демократијата, а за тоа добивме признание и поддршка од нашите демократски партнери“, изјави Цаи на средбата со пратеници од Канада во нејзината резиденција во Тајпеј.
Меѓутоа, и покрај тоа што Кина објави дека тридневните воени вежби според планот завршија во понеделникот по локално време, Пекинг ги продолжува воените активности во близина на Тајван.
Тајванското министерство за одбрана соопшти во средата утрото дека изминатите 24 часа регистрирал 35 кинески борбени авиони и осум воени бродови во водите околу Тајван. Од нив 14 авиони ја минале неформалната линија на разграничување во Тајванскиот теснец.
Иако кинеските борбени авиони само понекогаш ја минуваа во минатото линијата на тајванската зона не противвоздушна одбрана, кинеското воено воздухопловство особено ги зачести таквите прелети од ланскиот август, како одговор на тогашната посета на Тајпеј на Пелоси.
Пекинг вели дека не ја признава линијата на разграничување и повеќепати порача дека не исклучува и употреба на сила за да го врати Тајван во матицата, додека сегашната влада во Тајпеј го отфрла тоа и порачува дека само граѓаните на островот ќе решат за нивната иднина.