Кина разви вакцина со ветувачки резултати во борбата со коронавирусот

Според студијата објавена во научното списание The Lancet, кинеската вакцина не предизвикала никакви сериозни несакани ефекти во текот на првата и втората фаза на студијата спроведена меѓу 29-ти април и 30-ти јули, во која учествувале над 600 здрави возрасни лица.

Една од вакцините за новиот коронавирус што се развива во Кина се покажа како безбедна и предизвика имунолошки одговор во текот на првата и втората фаза на клиничките испитувања врз луѓе, се вели во извештајот објавен во престижниот „Лансет“.

Потенцијалната вакцина наречена „BBIBP-CorV “ја развива Институтот за биолошки производи во Пекинг, подружница на големата кинеска фармацевтска компанија CNBG. Станува збор за вакцина која е веќе одобрена за програми за итна вакцинација со кои кинеските власти сакаат да ги заштитат најризичните групи на луѓе, како што се здравствените работници.

Сепак, дали таа вакцина може безбедно и ефикасно да ги заштити луѓето од ковид-19, ќе се знае со сигурност само кога ќе заврши третата фаза на клинички испитувања што во моментов се спроведуваат надвор од Кина.