Кина спроведува нови маневри близу Тајван во текот на посетата на американските конгресмени

Кинеската армија соопшти дека извела нови воени вежби во Тајванскиот теснец во понеделникот додека делегација од американски конгресмени се во посета на Тајван кој Кина го смета за дел од својата територија, и се сретна со тајванската претседателка Цаи Инг-вен, што Пекинг го оцени како повреда на кинескиот суверенитет.

Петмина американски конгресмени, предводени од сенаторот Едвард Марки, пристигнаа во Тајпеј во неделата во ненајавена посета. Ова е втората висока американска делегација за кусо време, откако на почетокот од август Тајван го посети претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, со што Вашингтон по повеќе од 25 години отстапи од својата практика на островот да не испраќа високи функционери.

Таквиот потег и покрај острите предупредувања од Пекинг доведуваа до ескалација на тензиите и повеќедневни кинески воени вежби со боеви гаѓања и лансирање проектили околу Тајван.

Командата на Народноослободителната армија на Кина задолжена за Тајван соопшти дека во понеделникот организирала повеќенаменски заеднички патроли и проверка на борбената готовност, како и воени вежби во морскиот и воздушниот простор околу островот.

„Маневрите се силна мерка за одвраќање на САД и Тајван од продолжувањето на политичките трикови и поткопувањето на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“, се додава во соопштението.

Кинеското министерство за одбрана во засебно соопштение порача дека патувањето на американските конгресмени го нарушило суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина и дека „целосно го разоткрива вистинското лице на САД како уништувач на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“.

„Кинеската Народноослободителна војска продолжува со обуката и се подготовките за војна, решително ги брани националниот суверенитет и тетиротијалниот интегритет и решително ќе го скрши секој облик на сепаратистичка ‘независност на Тајван’ и на странско мешање“, порачуваат од Пекинг.

Тајванскиот премиер Су Ценг-чанг изјави дека нема да ги спречи одговорот на Кина на ваквите „посети на странските пријатели“.

„Не можеме ништо да не правиме само затоа што имаме зол сосед покрај нас и да не дозволиме посета на нашите пријатели“, изјави Су за новинарите.

Покрај воени маневри, Пекинг на посетата на Пелоси одговори со пробно лансирање на проектили над Тајван првпат досега кои завршија во ексклузивната економска поморска зона на Јапонија, како и со прекинување на дијалогот со САД во некои клучни сфери.

Кина не го признава суверенитетот на Тајван и го смета за своја одметната покраина, и категорично се спротиставува на секој контакт на тамошните власти со официјални претставници на власти и воејските на други земји. САД во намерите да ги избегне острите тензии со Кина декларативно наведува дека го признава „статус-квото“ и принципот на „една Кина“, но американскиот закон го обврзува Вашингтон да му овозможи финансиски и материјално на островот „право на самоодбрана“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.