Кина внимателно ги следела минувањето на американскиот воен брод крај Тајван

Кина објави во понеделникот дека внимателно го следела минувањето на американски воен брод низ Тајванскиот теснец, и предупреди дека нејзините сили се трајно во висок степен од борбена готовност во моментот кога Јужна Кореја, САД и Јапонија ги одржуваат заедничките поморски вежби.

„Единиците …. сега се на трајно висок степен приправност и решително го бранат суверенитетот и националната безбедност, како и мирот и стабилноста во регионот“, истакна во писмена изјава Ши Ју, портпаролот на кинеската војска.

Американската воена морнарица објави во понеделникот дека нејзиниот ракетен разурнувач „USS Milius“ во неделата пловел низ Тајванскиот теснец и наведе дека станувало збор за „рутински“ транзит, но се случува ден откако Кина ги заврши своите последни масовни воени вежби околу Тајван.

Но и минатиот понеделник Пекинг ги предупреди САД поради предизвикување тензии во регионот, откако портпаролот на борбената команда на кинеската Народноослободителна армија, Тијан Џунли, изјави дека американскиот ракетен разорувач „Milius“ од класата „Arleigh Burke“ незаконски навлезе во кинеските територијални води во близина на гребенот Меиџи, кој се нарекува уште и Мисчиф, во Јужното Кинеско Море. Јужната зона на борбената команда поради тоа покренала следење на американскиот разорувач со помош на поморските и воздушните сили, додаде Тијан.

Кина, којашто Тајван го смета за своја одметната територија, официјално ги заврши тридневните воени вежби околу островот минатиот понеделник во рамките на кои вежбаше прецизни удари, блокада и инвазија на островот.

Командата на кинеската војска во источниот дел на земјата, во чијашто надлежност е и Тајванскиот теснец, објави дека вежбите служат како предупредување за силите кои инсистираат на независност на Тајван и особено на странското мешање во тајванското прашање.

Кина го смета островот како дел од својата национална територија и не ги крие аспирациите за спојување па и употреба на сила доколку е потребно. Според принципот „една Кина“, кој е инаку зацртан во односите на Кина со САД, ниту една земја не треба да одржува официјални врски со Пекинг и Тајпеј во исто време. Ситуацијата околу Тајван значително ескалира по посетата на островот на почетокот на ланскиот август на тогашната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, што преставуваше отстапување на САД од долгогодишната практика на островот да не испраќа највисоки државни функционер. А сега истата се повтори со посетата на тајванската претседателка Цаи Ин-венг на САД и средбата со наследниот на Пелоси, Кевин Меккарти.

Седмата флота на американската воена морнарица соопшти дека разурнувачот со наведувани проектили „USS Milius“ спровел „рутински транзит низ Тајванскиот теснец“ преку водите „каде на отворено море се применуваат слободните пловидби и прелети во согласност со меѓународното право“.,

„Транзитирањето на бродот ја покажува доследноста на Соединетите држави на слободниот и отворен Индопацифички регион“, се додава во соопштението.

 

И покрај тоа што Кина објави дека тридневните воен вежби завршиле според планот минатиот понеделник, кинеската војска ги продолжи воените активности околу Тајван.

Тајванското министерство за одбрана соопшти дека во изминатите 24 часа открило 35 кинески воени авиони и осум бродови во близина на островот, а некои од авионите повторно ја минале неформалната линија на раздвојување во Тајванскиот теснец. Пекинг порачува дека не го признава постоењето на таквата линија, а Тајпеј возвраќа дека само граѓаните на Тајван може да одлучат за својата иднина.

Истовремено во понеделникот Јужна Кореја, САД и Јапонија ги одржуваат заедничките поморски вежби за да ја, како што е соопштено, унапредат соработката во врска со заканите од ракетите од Северна Кореја. Веста за маневрите доаѓа ден откако трите држави во Вашингтон договорија да одржуваат редовни регуларни вежби на противракетна и противподморничка одбрана, што секако ќе предизвика нови реакции од Северна Кореја која таквите маневри ги смета за закана по нејзиниот интегритет и подготовка за американска инвазија.

Изминатите седмици истокот на Азија растат тензиите, бидејќи Северна Кореја ги засили своите воени активности и тестираше нова интерконтинентална балистичка ракета на цврсто гориво за која стручњаците тврдат дека и можела полесно да биде лансирана без предупредување. Тоа е одговорот на Пјонгјанг на континуираните јужнокорејско-американски воени вежби последните месеци.

На маневрите во понеделникот во меѓународните води меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија, заедничко дејствуваа јужнокорејскиот разурнувач „Yulgog Yi I“, американскиот ракетен разурнувач „Benfold“ и јапонскиот разурнувач „Atago“. Овие вежби се продолжени подоцна во понеделникот со почетокот на 12-дневните маневри со учество на воздухопловните сили на Јужна Кореја и САД.

Трите страни работеле на јакнење на координацијата при детекција и следење, како и споделување информации. На вежбите е користена виртуелна цел при сценарио кое вклучувало „севернокорејска ракетна провокација“, објави јужнокорејската воена морнарица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.