Кина загрижена поради новиот стратешки концепт на НАТО

Кина е многу загрижена поради импликациите на новиот стратешки концепт на НАТО, изјави постојаниот претставник на земјата при Обединетите Нации, Џанг Џун.

– Кина посветува големо внимание на стратешкото прилагодување на НАТО и многу е загрижена поради политичките импликации на таканаречниот стратешки концепт. Некои лидери на НАТО изминатиот период прикажаа други земји како закана. Но, факт е дека самиот НАТО направи проблеми во различни делови од светот, истакна Џанг во обраќањето до Советот за безбедност на ОН, пренесе Тасс.

Тој повика НАТО „да ги научи своите лекции“ и „да не ја користи украинската криза како изговор за поттикнување конфронтации во целиот свет или за нова студена војна“.

Според него, кризата околу Украина се развива на „долготраен и непредвидлив начин“, но дека официјален Пекинг смета оти „преговорите остануваат единствен начин за нејзино решавање“.

Тој додаде дека Кина ги поддржува директните преговори меѓу Русија и Украина, а го поздравува и посредувањето на генералниот секретар на ОН, кога е во прашање извозот на житарици, меѓу останатите напори што ги вложуваат ОН за завршување на овој конфликт, наведува Тасс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.