Кинеска лабораторија тврди дека годинава може да има лек за коронавирусот

Кинеска лабораторија развива лек за кој тамошните научници веруваат дека може да ја запре пандемијата од коронавирусот и да биде подготвен за масовно производство подоцна во текот на годината, се наведува во написот во научното списание Cell.

Лекот којшто се развива на основа на антитела на престижниот Пекиншки универзитет го скратува времето за закрепнување на заболените од Covid-19, но и создава краткотраен имунитет, тврдат истажувачите.

Сунеи Ксие, директор на универзитетскиот иновациски центар за геномика, истакнува дека лекот се покажал успешен кај животни. Вели и дека количеството на вирусот во заразените лабораториски глувци значително се намалило откако им биле инјектирани неутрализирачки антитела.

„Тоа покажува дека потенцијалниот лек има и терапевтски ефект“, вели Синеи Ксие кој потенцира дека неговиот тим „деноноќно“ барал антитела.

Додава дека лекот би требало да биде подготвен за употреба подоцна годинава, навреме за можниот втор бран од пандемијата оваа зима. Со коронавирусот во овој момент во светот се заразени 4,8 милиони луѓе, од кои починале 315.000.

Ксие вели дека во план се клинички тестирања, додавајќи дека тие ќе се спроведуваат во Австралија и други земји, бидејќи бројот на случаите на зараза во Кина рапидно паднал.

„Се надеваме дека неитрализирачките антитела ќе станат специјализиран лек којшто ќе ја запре пандемијата“, вели Ксие.

Тестирање на луѓе

Кинеските здравствени власти минатата седмица соопштија дека Пекинг веќе тестира пет потенцијални вакцини на луѓе. Меѓутоа, Светската здравствена организација (СЗО – WHO), предупредува дека развојот на вакцината ќе трае вообичаено, меѓу 12 и 18 месеци.

Научниците укажуваат и на потенцијалната корисност на крвната плазма од закрепнатите пациенти, кои развиле антитела на коронавирусот. Повеќе од 700 пациенти примиле терапија со плазма во Кина, а властите тврдат дека тоа се покажало како многу добра терапија.

„Меѓутоа, плазмата е во ограничени количества“, истакнува Ксие и додава дека лекот на кој работат може брзо да биде пуштен во процесот на масовно производство.

Новиот лек би можел да создаде краткотраен имунитет кој бил потврден на тестирањата на лабораториските глувци. Тоа на здравствените работници би можело да им даде привремена заштита од неколку седмици или дури неколку месеци, вели Ксие.

Во светот во моментов се развиваат повеќе од сто потенцијални вакцини, но овој процес е многу потежок отколку развојот на лекови. Ксие се надева дека лекот на кој работи неговиот тим ќе претставува побрз и поделотворен пат кон запирањето на пандемијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.