Кинески Geely ќе го произведува британскиот Lotus во фрабрика во Вухан

Мнозинскиот сопственик на еден од заштитните симболи на британската автомобилска индустрија „Lotus“, кинескиот концерн „Geely“, планира да го започне производството на оваа марка спортски автомобили во Кина, во новата фабрика во Вухан, којашто чини 1,3 милијарди американски долари.

Како што пренесуваат во четвртокот светските агенции, компанијата чиешто седиште е во кинеската покраина Жечијанг, планира да го преземе првиот чекор во реструктуирањето на британскиот производител на автомобили откако во 2017 година се стекна со мнозинскиот удел во неговата сопственост.

Тоа е во согласност со амбициите на управата на „Zhejiang Geely Holding Group’s“, која сака да го зголеми производството на луксузни автомобили и да се отргне од репутациајта дека го копира туѓиот дизајн и не произведува доволно квалитетно. Од друга страна, пак, за „Lotus“ тоа би значело зголемување на производството и тоа на нови модели како што се СУВ возилата, со што на британската компанија би ѝ пораснала продажбата.

„Скапите автомобили на Geely би можело да му донесат зголемување на пазарниот удел. Компанијата тоа мора да го стори за да биде поконкурентна во натпреварот со светските брендови“, смета аналитичарот Алан Канг од „LMC Automotiv“.

Автомобилите на „Lotus“ во моментов се произведуваат во англиски Норфлок. Во заедничкото соопштенеи „Geely“ и „Lotus“ објавија дека во Норфлок ќе биде производственото седиште на автомобилите од овоаа марка, но дека клучниот дел од стратегијата за заживување на овој бренд е глобалното ширење на неговото производство.

Новата фабрика во градот Вухан годишно би можела да произведува 150.000 автомобили, покажуваат податоците од документот објавен на интернет страницата на надлежното кинеско тело, на кој се повикуваат агенциите. На новата фабрика ѝ е одобрено производството на електрични возила, електрични хибриди, како и автомобили кои ги придвижуваат мотори со внатрешно согорување како што се на „Lotus“, но во документот не се наведува кога фабриката ќе започне со работа.

Во моментов „Lotus“ ги произведува моделите „Evora“ и „Elise“. Инаку, легендарниот филмски лик на британскиот таен агент Џејмс Бонд го прослави моделот „Lotus Esprit“ од 1977 година во филмот „Шпионот кој ме сакаше“. Некогаш оваа британска компанија се гордееше и со својот тим во Формула 1 натпреварите, додека не беше продаден на францски „Renault“ во 2015 година, и тоа за само една фунта.

Во „Geely“ проценуваат дека оваа година продажбата ќе стагнира, имајќи предвид дека минатата 2018 година, кинескиот пазар на автомобили се намалил првпат во последните повеќе од две децении.

Оваа компанија ја возбуди светската автомобилска јавноста со купувањето на уделот од 9 милијарди долари во германски „Daimler“, како и со вложувњето од 1,8 милијарди доалри во аквизицијата на шведски „Volvo“. Во 2017 година кинески „Geely“ стана сопственик на 51-отстотен удел во британски „Lotus“, кој го купи од малезискиот произведувач на автомобили „Proton“.