Кинески инвестиции, соработка во туризмот и извоз на тој пазар

Преиерот Никола Груевски, денеска во градот Гвангжу, Народна Република Кина, оствари средба со делегација на властите на кинеската провинција Гвангдонг, предводена од вицегувернерот на провинцијата, Шу Шаохуа.Соговорниците истакнаа силна заложба за интензивирање, продлабочување и унапредување на економската соработка во повеќе полиња од заеднички интерес.

Особено беше акцентирана можноста за реализација на инвестиции од Народна Република Кина во нашата земја, за соработка во областа на туризмот преку аранжмани на кинески туристи во Република Македонија, можноста за извоз на македонски земјоделски производи во провинцијата Гвангдонг.

Беше истакната силна политичка поддршка за реализација на овие цели и охрабрување од двете страни кон економските субјекти за воспоставување на соработка на конкретни проекти.

Беше договорено стручни тимови од двете страни во идниот период да отпочнат со работа на дефинирање на полињата и процедурите на соработка, можноста за остварување засилена трговска размена помеѓу двете страни и разгледување на конкретни проекти за имплементација.

Премиерот Груевски ги претстави поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори за водење бизнис во нашата земја, нискиот даночен пакет, способната и едуцирана работна сила, и поволностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони. Тој иницираше и теми за соработка во областа на извозот на македонски земјоделски продукти во Гвангдонг.

Се работи за економски многу силна провинција, во која што има многу развиен бизнис, многу компании, многу пари, многу инвеститори и многу можности за инвестирање во Македонија. Беше важно да се сретнеме со властите бидејќи значајна е нивната поддршка и порака, и ми беше задоволство што практично сите теми кои ги отворив со властите наидоа на добар прием и на уверување дека ќе ја дадат нивната целосна поддршка и сигнал до компаниите да инвестираат во Република Македонија. Со властите се договоривме стручни тимови од двете страни да продолжат да работат на деталите на соработката. Кога се даде политичката поддршка, сега е потребно претставници од двете страни да ги разработат деталите, да ги прецизираат и да почне нивно спроведување, изјави премиерот Груевски по средбата.

Вицегувернерот Шаохуа позитивно ја оцени посетата на македонската владина делегација на Гвангдонг, како можност да се претстават опциите за соработка. Средбата ја оцени за продуктивна и успешна, и давајќи позитивна оценка за иницираните теми од македонска страна, истакна дека политичките претставници ќе дадат поддршка и преку личен ангажман во насока на охрабрување и поттикнување на кинеските бизнисмени за воспоставување на соработка со Македонија.

Прво, ќе охрабруваме што повеќе претприемачи од Гвангдонг да ја посетат Македонија, поточно технолошко- индустриските развојни зони во Македонија. Сакаме да ги охрабриме да отворат бизнис или фабрики таму. Второ, ќе охрабруваме што повеќе туристи да ја посетат Македонија и преку Македонија да ја посетат и Европа. Во иднина сакаме и да увезуваме што повеќе земјоделски производи од Македонија, како месо и овошје. Ние имаме отворен пазар на кој македонските компании можат да влезат, изјави вицегувернерот Шаохуа по средбата.

Двете страни разговараа за можностите за соработка и на полето на образованието преку стипендирање и размена на студенти од двете земји за студии на универзитети од двете земји.

Беше дадена и позитивна оценка за соработката во областа на медицината за што во наредниот период треба да се прецизираат конкретните модалитети.

Провинцијата Гвангдонг е економски најбрзорастечки регион во Народна Република Кина. Таа има надворешно трговска размена од еден трилион долари во минатата година, и бруто домашен производ во вредност од над еден трилион долари. Во неа живеат 106 милиони жители, а нејзин главен град е Гвангжоу, во кој живеат околу 10 милиони жители. Трговската размена помеѓу Македонија – Гвангдонг изнесува 20 милиони долари и постои можност за нејзино надградување и по обем и по квалитет.