Кинески научници изолираа антитела кои го блокираат продирањето на коронавирусот

285

Тим кинески научници изолираше неколку антитела, за кои се тврди дека се „исклучително ефикасни“ во спречување на продирањето на коронавирусот во клетките. Ваквите сознанија можат да бидат употребени за лекување и превенција на заразата со овој вирус.

Научникот Жанг Линк од Универзитетот Џинхуа во Пекинг вели дека лекот против Ковид-19, кој би бил направен од издвоени антитела би можел да биде поефикасен од плазмата која сега се користи и чија употреба е ограничена по крвна група.

Истражувачкиот тим на почетокот на годината почнал со проучување на примероци од крв на пациенти, излекувани од коронавирус. Тогаш се изолирани 206 антитела, кои покажале способност да се врзат за протеините на вирусот. Од дваесетина антитела, кои понатаму се тестирани, четири покажале способност да го спречат вирусот да продре во клетките, од кои две биле исклучително успешни во тоа.

Тимот научници сега работи на идентификување на најмоќните антитела и потенцијално, со комбинирање на тие антитела да се намали ризикот од мутација на вирусот, појасни Жанг.во интервју за Ројтерс, кое го пренесуваат повеќе светски медиуми.

Лекот би можел да се дава на припадниците на ризичните групи за да се намали можноста од инфекција, но истражувачите потенцираат дека не станува збор за вакцина.

Кинеските научници се надеваат дека тестирањето на антителата на луѓе ќе може да почне за шест месеци. Но и доколку се покаже ефикасност при тестирањето, за вистинска примена на третманот ќе биде потребно подолго време.

Сепак, други експерти апелираат на претпазливост.

– Има голем број чекори кои треба да се следат пред да биде користен како третман за заболени од коронавирус, изјави специјалистот за инфективни болест од Универзитетот во Хонг Конг Бен Ковлинг кога му биле пренесени сознанијата на кинеските научници.

– Сепак, навистина е возбудливо да се пронајдат вакви потенцијални третмани, и потоа да се има можност тие да бидат тестирани. Колку повеќе доброволци најдеме, ќе имаме подобар третман на пациентите, појасни Ковлинг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.